Од 1 јуни без маски на отворено

Комисијата за заразни болести утрово на состанок донесе одлука на Главниот координативен кризен штаб да му достави предлог за олабавување на рестриктивните мерки.

Ваквата одлука, како што информираат, се дожи на стивнувањето на пандемијата и намалувањето на бројот на активни случаи од недела во недела.

Комисијата до Штабот ќе предложи од 1 јуни заштитните маски да не бидат задолжителни на отворено, но да не се менува одредбата за нивно користење на сите затворени места, вклучително и во јавен превоз и секаде каде не може да се одржува препорачана дистанца.

Во предлог одлуката е и престанок на забраната за групирање на отворено, да се дозоволи организација на свадби и прослави на отворено со максимум 50 проценти исполнетост на капацитетот во отворениот дел, но не повеќе од 100 гости, и одржување на спортски натпревари на отворени терени со присуство на публика,
но со максимална исполнетост од 30 отсто од капацитетот на стадионот.

Полицискиот час, предвидено е, да остане во сила.

Комисијата за заразни болести моментно работи на прецизирање на протоколите за одржување настани и концерти на отворено.

„Состојбата е стабилна, но искуството ни покажа дека многу лесно може да се влоши доколку не се почитуваат мерките онака како што се предвидени. Затоа апелираме до стопанските субјекти и граѓаните целосно да се придржуваат до препораките“, предупредуваат од Министерството за здравство.

 

 

(Фото: МИА)