Озил лут: „Си одам од репрезентацијата!“

LinkSense.mk

Дваесет и деветгодишниот фудбалер на Арсенал, Месут Озил, денеска соопшти дека се повлекува од репрезентацијата на Германија.

„Со тешко срце и после многу размислувања одлучив повеќе да не настапувам за репрезентацијата на Германија, се додека чуствувам расна омраза и непочитување“, рече Озил.

Тој истакна дека му било тешко да ја донесе одлуката за напуштање на националниот тим.

„Некогаш го носев дресот на Германија со голема гордост и возбуда, но повеќе не. Беше исклучително тешко да ја донесам ваквата одлука, затоа што секогаш давав се за своите соиграчи, тренери и добри луѓе во Германија. Но кога високи функционери од Фудбалскиот сојуз постапуваат кон мене како што постапуваат, кога не ги почитуваат моите турски корени и себично ме користат во политичка пропаганда, тогаш е навистина доста. Расизмот не смее никогаш да биде прифатен“, рече Озил.

Озил се најде на мета на критики во Германија после објавените фотографии со Реџеп Таип Ердоган, во мај, среде претседателската кампања во Турција.

„Сакав само да покажам дека го почитувам првиот човек на земјата од каде потекнувам“, наведе фудбалерот на Твитер.

И неговиот соиграч од германската репрезентација Илкај Гундоган се фотографираше со Ердоган, но тој за разлика од Озил, се дистанцираше од евентуални врски со турскиот претседател.

После критиките во Германија, Озил изјави дека повеќе нема да разговара со медиумите, а стручниот штаб на репрезентацијата му дозволи непосредно пред почетокот на Светското фудбалско првенство во Русија да не присуствува да не присуствува на денот со медиумите, кога играчите разговараа со новинарите.

Одделни германски политичари ја доведоа во прашање лојалноста на Озил и Гундоган и сугерираа дека би требало да бидат исфрлени од репрезентацијата.

Германија ја бранеше титулата на Мундијалот, но натпреварувањето го заврши во групната фаза со една победа и два пораза.

Бројни експерти и медиуми сметаат дека учеството на Озил во националниот состав беше најголема грешка на селекторот Јоахим Лев.

Месут Озил за репрезентацијата на Германија одигра 92 натпревара и постигна 23 голови, со 40 асистенции.