Оксфорд: „Придобивките од ‘Астра Зенека’ ги надминуваат ризиците“

Универзитетот Оксфорд оцени дека идентификувањето на ретки случаи на згрутчување на крвта, кои можат да бидат поврзани со вакцината Астра Зенека, покажа дека функционираат безбедносните системи . Исто така, се потсетува дека британските и европските регулатори утврдија дека придобивките од вакцината ги надминуваат можните ризици.

„Охрабрени сме да видиме дека следењето на безбедноста продолжува под внимателен надзор на регулаторите … Идентификувањето на ретки случаи на згрутчување на крвта, што може да биде поврзано со вакцината, покажува дека системот за безбедност функционира“, рече Ендру Полард, директор на Оксфорд Ваксин Груп, која ја разви вакцината со АстраЗенека.

Полард рече дека безбедносниот систем им дозволил на супервизорите да заклучат дека придобивките од вакцинацијата и натаму ги надминуваат ризиците, и дека истовремено се преземаат чекори за да се ублажат сите можни ризици.

Министрите за здравство на членките на ЕУ вчера одржаа вонредна виртуелна средба непосредно откако Европската агенција за лекови (ЕМА) ги смени своите упатства за Астра Зенека, бидејќи откри можни врски со многу ретки случаи на невообичаени згрутчувања на крвта. Сепак ЕМА истакна дека придобивките од вакцината сè уште ги надминуваат ризиците.

Пред средбата, Португалија, која претседава со Советот на ЕУ, испратила писмо во кое се повикуваат министрите да најдат „заеднички јазик“ во врска со употребата на вакцината, пренесуваат британски медиуми. Сепак до таков договор не дојде и земјите-членки ги задржаа различните препораки за вакцината.

Еврокомесарката за здравство Стела Кирикидес на виртуелната средба побара координиран европски пристап, кој нема да ги збунува граѓаните и кој нема да поттикнува недоверба во вакцините.

Земјите од ЕУ препорачаа различни граници за возраста за вакцинирање со Астра Зенека, иако ЕМА не препорача такво нешто бидејќи нема податоци кои тоа би го оправдале.