„Омегата“ од предметот „Монструм“ била пронајдено исчистена

Возилото „Опел Омега”, за кое се претпоставува дека го користиле извршителите на убиството на Смилковско Езеро, внатре било неизвалкано. Поранешен припадник на МВР, кој на 13 април 2012 бил на местото Враживир, и имал за задача да ја фото-документира колата, рече дека работел на многу кривични настани, но во овој случај возилото било исчистено и средено.

– Возилото го фотографирав внатре и надвор. Потоа и го обезбедив до МВР, кое беше пренесено со влечна служба на МВР. Таму отидовме по најава на СВР-Скопје. Техничка обработка на возилото не сум извршил јас. При мојата задача се грижев да не се губат траговите. За кој настан се работи возилото не сум знаел, изјави пред судот сведокот предложен од обвинителството.

На претходното рочиште за предметот ,,Монструм”, свој исказ даде началникот на одделението за увид на место на настан при СВР Скопје Г. М. односно за неговата поврзаност со возилото „Опел Омега”, најдено во местото Враживир.

– На 13 април на работа бев од 7 до 15 часот. Од никого не сум добил дојава дека во Враживир е најдено возило. Од старешината Владо Мирчевски, добив сознаније дека во Враживир најверојатно е пронајдено возило поврзано со настанот на 12 април, рече тогаш сведокот.

Тој исто така посочи дека воопшто не го видел возилото.

– Ние добиваме дојави од Центарот за известување и командување, има други служби кои обработуваат оперативни сознанија, наша надлежност е за увид на место на настан, потенцира сведокот Г.М.

За убиството на момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски во април 2012 година обвинети се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ (во бегство) и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута.

Судењето за овој предмет го води судската двојка Огнен Ставрев и Осман Шабани, додека обвинените го застапуваат обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.