„Омикрон“ предизвика експлозија на заразени луѓе низ Европа

LinkSense.mk

Никој не треба да се сомнева дека доаѓа бран на ‘омикрони’“, предупреди во декември британскиот премиер Борис Џонсон. Тој бран, сега е сосема јасно, ја зафати не само Велика Британија, туку речиси цела Европа.

Навистина, овој четврти или петти бран на пандемијата (во зависност од земјата) веројатно е најголемиот од нејзиниот почеток, барем во однос на бројот на новозаразени. Во низа европски земји, и покрај големата вакцинираност и режимот за ковид-потврди, кривата за растот на бројот на нови случаи веќе и не е крива, туку речиси е вертикална линија која не покажува знаци на забавување.

Главната причина за ваквата експлозија е, очигледно, „омикрон“, новиот вид кој брзо ја превзема доминацијата над „делта“, благодарение на својата многу повисока заразност, како и подоброто избегнување на имунитетот, и оној природно стекнат и оној добиен со вакцинирање.

Во исто време, досегашните податоци упатуваат на тоа дека „омикронот“ е значително помалку смртоносен од „делта“, со многу помала стапка на хоспитализација кај заразените. Според некои студии, со „омикрон“ во болница завршуваат 40-50% помалку заразени луѓе, отколку со „делта“, а според една неодамнешно големо британско истражување, дури три пати помалку. Сепак, не е сосема јасно до која мерка ова се должи на повисокиот степен на колективен имунитет (од вакцинација и прележување), а до која благодарејќи на тоа што „омикрон“ е инхерентно послаб вид на вирус.

Затоа, многу експерти изразија надеж дека овој бран ќе биде поблаг отколку минатиот, па дури и дека, благодарение на комбинацијата на висока заразност и нискиот процент на тешко болни, овој вид конечно ќе донесе природна имунизација, односно ќе ја зарази буквално целата популација, со што ќе се стави крај на пандемијата. Во Јужноафриканската Република, од каде што „омикронот“ се прошири на глобално ниво, а првично и во западните земји, скокот на бројот на заразени не беше проследен ни со приближно ист број хоспитализирани, односно тешко болни и починати.

Од друга страна, водечкиот американски имунолог и главен медицински советник на претседателот Џо Бајден, Ентони Фаучи, во интервју за Си-Ен-Ен предупреди дека „ако имате толку многу случаи на инфекција, дури и ако стапката на хоспитализација е помала кај ‘омикрон’ отколку кај ‘делта’, се уште постои опасност дека ќе имате големо зголемување на бројот на хоспитализации, што може да го преоптовари здравствениот систем“.

Каква е тогаш моменталната состојба во однос на односот меѓу заразените и хоспитализираните?

Да почнеме од веќе споменатата Велика Британија која, по неколкумесечни осцилации меѓу падот и растот, од декември бележи експоненцијално зголемување на бројот на новоинфицирани. Додека на 5 декември имаше во просек по 45.577 нови случаи на ден, на 5 јануари тој број скокна на 182.890, односно на неверојатни 2.681 на милион жители.

Велика Британија

Џонсон во средата рече дека бројот на приеми во болниците „се удвојува на секои девет дена“ и дека земјата „доживува најбрз раст на случаите на ковид што некогаш сме го виделе“.

Дека состојбата во Велика Британија е навистина критична најдобро говори денешната вест дека 200 припадници на британската армија биле испратени во лондонските болници поради недостиг на медицински персонал. Имено, како што јавуваат британските медиуми, воените болничари ќе им помагаат на лекарите и медицинските сестри од Британското јавно здравство во грижата за пациентите, а останатите војници ќе пружаат помош во болниците за да ги пополнат празнините создадени од недостатокот на медицински персонал.

Министерството за одбрана соопшти дека 200 војници ќе бидат ангажирани на период од три недели, а Кралското училиште за медицински сестри, пак, соопшти дека ангажманот на војската значи дека британската влада повеќе не може да негира дека има криза со здравствениот персонал во системот за јавно здравство.

Бројот на хоспитализирани во ноември беше во пад, но од средината на декември почна опасно да расте. Така, на 5 декември во британските болници имало 7.302 пациенти со корона вирус, на Божиќ само малку повеќе – 8.305, а до 5 јануари тој број се зголемил повеќе од двојно, на 17.988 или 264 на милион жители, според податоците на интернет страницата „Нашиот свет низ податоци“ (Our World in Data). Тоа е најголем број хоспитализирани од февруари минатата година, а во тој бран „пикот“ беше 39.254 хоспитализирани, на 18 јануари лани.

Џонсон во декември предупреди дека повеќе од 20 болнички фондови сега достигнале критично ниво, на кои приоритетните услуги може да им бидат загрозените, но нагласи дека тоа „не е добар показател“ за притисоците под кои се наоѓа здравствената служба.

А, британското здружение на лекари БМА, пред Нова година објави дека само во Англија од болниците се отсутни 18.000 здравствени работници, додавајќи дека очекува тој број да биде поголем кога деновиве ќе бидат објавени новите податоци.

Болниците низ целата земја оваа недела почнаа да го повикуваат персоналот од празници или слободни денови за да продолжат со нормална работа среде здравствената криза која ја предизвикува „омикрон“. Шефот на Конфедерацијата на медицински работници во јавното здравство, Метју Тејлор, вели дека системот е во „критична состојба“ и дека болниците бараат медицинари за да го надополнат недостатокот на персонал.

Во многу делови од здравствените служби моментално сме во состојба на криза. Соочени со голема побарувачка и недостиг на персонал, некои болници мора да прогласат ‘критичен инцидент’. Болниците итно го повикуваат исцпениот персонал да се откажат од деновите за одмор за да се овозможи одржување на основните услуги. Многу болници мораат да ги забранат посетите за да се обидат да го намалат ширењето на заразата“, рече Тејлор.

На пример, мрежата болници на „Јунајтед Линколншир“ предупреди дека толку многу лекари и медицински сестри сега отсуствуваат што грижата за пациентите е „компромитирана“, особено за пациентите со мозочен удар и срцеви заболувања, пренесува „Дејли Меил“.

Од друга страна, утешно е што податоците сугерираат дека бранот во Лондон, од каде што се започна, стагнира, поради што истакнатиот британски епидемиолог Нил Фергусон рече дека е „внимателен оптимист“. Инаку, во Велика Британија со две дози се вакцинирани 82.4 отсто од населението постари од 12 години, односно речиси 70 отсто од вкупното население, а „бустер доза“ примиле повеќе од 58 отсто постари од 12.

Епидемија што достигнува толку високи бројки не може засекогаш да ги задржи тие бројки. Затоа, би очекувале бројот на случаи да почне да се намалува во следната недела, можеби веќе сега во Лондон, но во други региони за една до три недели“, изјави во вторникот Фергусон за Би-Би-Си Радио 4.

Франција

Франција во средата забележа рекорд со повеќе од 332.000 новозаболени за 24 часа, среде налетот на петти бран на пандемијата. Истиот ден се регистрирани 246 смртни случаи од ковид-19, што е, исто така, рекорд. Повеќе од 2.000 луѓе во понеделникот беа примени во болницата.

Оваа западноевропска земја веќе извесно време се спротивставува на новиот, есенско-зимски бран кој од октомври погоди голем дел од Европа. Ова, барем теоретски, може да се припише на строгиот режим за ковид-сертификати.

Бранот ја погоди и Франција во ноември, а во последните две недели овој раст е експоненцијален. Додека на 5 декември имало во просек по 42.458 нови случаи дневно, на 5 јануари тој број бил околу три пати поголем – 198.252, или 2.940 на милион жители.

Бројот на хоспитализирани Французи кои боледуваат од ковид-19 е во пораст од почетокот на ноември – додека на 5 ноември изнесуваше 6735, два месеци подоцна тој е речиси четири пати поголем – 20.688, или 314 на милион жители. Покрај тоа, дури 72% од креветите на интензивна нега сега се зафатени од луѓе со вирусот, јавува Асошиејтед прес.

Скок на бројот на заразени паралелно со доминацијата на „омикрон“

Многу е интересно тоа што „омикрон“ минатата недела стана доминантен вид во таа земја, а истата недела бројот на новозаболени надмина 200 илјади дневно и продолжи незапирливо да расте, па во средата надмина 300 илјади.

Уште на почетокот на декември бројот на нови случаи се движеше под 50 илјади дневно, а никогаш пред овој бран не надмина сто илјади дневно.

Имено, Француската агенција за јавно здравје во своето неделно истражување објавено минатиот четврток наведе дека „62,4% од тестовите покажале профил компатибилен со варијантата ‘омикрон’“ на почетокот на неделата, наспроти само 15% претходната недела.

Бран навистина пристигна, огромен е, но нема да паничиме“, рече министерот за здравство, Оливие Веран. Владата повторно ги заостри мерките, вклучително и задолжително носење маски, работа од дома и ограничување на бројот на луѓе на јавни собири.

Освен тоа, Собранието, односно Долниот дом на парламентот, изгласа потврдата за ковид, која е услов за сè, од ресторани, кафулиња, кина, музеи, концертни сали и стадиони до авиони и возови, да се претвори во ексклузивен вакцинален сертификат кој повеќе нема да го вклучува тестирањето како алтернатива. Досега се вакцинирани речиси 90% од Французите постари од 12 години, или 74% од вкупното население, но претседателот Емануел Макрон налути дел од опозицијата со изјавата дека сака да ги „изнервира“ невакцинираните.

Италија

Италија, исто така, забележа рекордни 189.109 случаи на инфекција со коронавирус во средата, или 2.134 на милион жители. Еден месец претходно, имаше, во просек, 14.466 нови инфекции дневно – повеќе од десет пати помалку.

Исто така, во средата, во италијанските болници на лекување од ковид беа примени 13.364 луѓе, или 245 на милион жители. Тоа е драматично зголемување во однос на 6.333 хоспитализирани еден месец порано. Заради тоа италијанската влада во четвртокот донесе нова мерка – задолжителна вакцинација за сите постари од 50 години, со цел „да се зачува правилното функционирање на болниците и, во исто време, да се одржат отворени училиштата и фирмите“, како што објасни премиерот Марио Драги.

Околу 74 отсто од Италијанците примиле најмалку две дози од вакцината, а близу 35 отсто примиле трета, „бустер“ доза.

Ирска

По експлозивниот раст на бројот на заразени, посебно се истакнува Ирска, која во средата имаше неверојатни 3.927 новозаразени на милион жители, или вкупно 19.566, гледано на неделен просек. Еден месец претходно, тој неделен просек беше 4.885 на ден.

Што се однесува до хоспитализираните, сосотојбата е многу подобра. Нивниот број од крајот на ноември беше во пад, а нов раст започна дури во последните две недели. Така, на 5 декември во ирските болници имало само 503 пациенти со ковид, а според најновите достапни податоци, оние од 2 јануари, бројката незначително се зголемила на 717, односно на 144 на милион жители.

Данска

Огромен раст на бројот на заразени има и Данска, земја која на почетокот на септември ги укина епидемиолошки мерки, вклучително и потврдите за ковид, поради исклучително добрата епидемиолошка состојба и високата стапка на вакцинација. Данската влада тогаш одлучи да не ја прошири класификацијата на ковид-19 како „социјално критична болест“. Ова, за жал, се покажа како прерана одлука.

Данска сега е веднаш зад Ирска со 3.221 нови инфекции дневно, или вкупно 19.384. Експоненцијалниот раст таму започна пред околу еден месец, кога бројот на новозаразени во просек изнесуваше 4.312. И тука бројот на хоспитализирани е во пораст, но ни приближно толку драстично како во Италија, Франција или Велика Британија. На 5 декември изнесуваше 447, а еден месец подоцна порасна на 784, односно 135 на милион жители.

Шпанија

Во Шпанија, растот на новозаразените во последно време исто така е експоненцијален, иако сеуште не го достигна нивото на Данска, Ирска и Франција.

На оваа јужноевропска земја не и помогна ниту тоа што е една со највисоките стапки на вакцинација во Европа и светот – 81,4% од вкупното население примиле две дози, а 31,9% и „бустер“.

Германија

Германскиот Институт за заразни болести „Роберт Кох“ во средата извести за 58.912 нови инфекции, што е 47% повеќе од пред една недела. Земјата забележа уште 346 смртни случаи, со што вкупниот број достигна 112.925.

Сепак, просечниот број на новозаразени до католичкиот Божиќ беше во пад, кога почна благо да расте. Така, на 5 декември изнесуваше 56.685 дневно, а еден месец подоцна – 36.956, или само 440,5 на милион жители. Податоците за хоспитализираните во Германија не се достапни на страницата „Нашиот свет низ податоци“.

И оваа држава планира заострување на мерките, па во иднина посета на угостителските објекти треба да биде достапна само за оние кои се вакцинирани, прележаните на вирусот, ако се со негативен тест или примиле дополнителна вакцина, објавија повеќе медиуми, повикувајќи се на учесници на состанокот на сојузната комисија за здравство.

 

 

 

 

 

(Фото:ЕПА)