Општина Аеродром донира милион денари за ракометарките на Вардар

Советот на Општина Аеродром донесе одлука за финансиска поддршка на женскиот ракометен клуб Вардар од Скопје во износ од милион денари.

Финансиската помош од Општина Аеродром, како што истакнуваат ракометарките на Вардар, многу ќе значи за функционирање на клубот, особено во услови на пандемија.

„Имајќи го предвид досегашниот успех на овој клуб за спортскиот живот, како и до сега постигнатите резултати на домашен и на меѓународен план, сметаме дека ЖРК „Вардар“ придонесува за развој на масовниот спорт и рекреативните активности во нашата општина, како и за нејзина афирмација и во меѓународната јавност“, изјави градоначалникот Златко Марин.

Општина Аеродром, исто така, донесе одлука да се помогне Шаховскиот сојуз на Град Скопје со 200 000 денари за настани организирани за жителите на Општина Аеродром.

Општина Аеродром освен на ова спортско здружение, финансиски им помага и на други спортски клубови и здруженија, особено кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје–Аеродром, женски кошарка клуб на МЗТ и младинската школа на МЗТ, ракометниот клуб „Аеродром“, фудбалскиот клуб „Аеродром“, кикбокс клубот „Гладијатор“.