Основачите на Бионтек за короната: Вирусот со текот на времето ќе добие статус на грип

LinkSense.mk

Основачите на „Бионтек“, Озлем Туреци и Угур Сахин во интервју за Дојче Веле велат дека не се воопшто разочарани што не добија Нобелова награда за медицина затоа што, како што истакнаа, тие секојдневно добивале по грст Нобелови награди.

Туреци и Сахин на средината на октомври во Солун ја добија наградата „Царица Теофанија“ за развојот на првата вакцина против корона вирусот. која им ја врачи претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу.

ДВ: Госпоѓа Туреци, господине Сахин, неодамна во Солун ја добивте наградата „Царица Теофанија“, која се доделува за исклучителен допринос кон Европа. Што ви значи таа награда?

Сахин: Тоа е награда која ја претставува европската култура. Награда која се доделува во градот од кој потекнува нашиот пријател и партнер Алберт Боурла, шефот на Управата на Фајзер. А, наградата ја добивме во моментот кога повторно можеме да патуваме. Затоа што заради многу ограничувања тоа во последно време речиси и да не го правевме.

ДВ: Корона – клучен збор. Како ќе се развиваат понатаму работите? Кога ќе заврши пандемијата?

Туреци: Тоа е тешко прашање, со оглед на тоа дека секојдневно учиме по нешто ново за вирусот, за тоа како реагира на вакцината. Овие сознанија ни се потребни за да можеме да процениме кога ќе заврши пандемијата. Но, она што можеме сега со сигурност да кажеме е дека постепено ќе дојде до нова нормалност. Тоа веќе сега се чувствува. Учиме како да се однесуваме кон вирусот. Многу од нас се веќе вакцинирани и стекнаа нов степен на слобода. Ќе дојде до нова нормалност во која врз основа на имунитетот повеќето жители ќе можат послободно да се однесуваат. Сигурно уште неколку години на некој начин ќе се носиме со вирусот. Ќе се пронајдат одговори на прашањата кои денес ги немаме. Иднината ќе покаже дали ќе се појават нови варијанти на вирусот, кои ќе бидат отпорни на постоечките вакцини и дали ќе мора да се изврши прилагодување на вакцинирањето. Со годините вирусот ќе добие статус како што има вирусот на грип, против кого секоја година или секоја втора година се вакцинираат делови од населението, а другите не мораат. Короната ќе стане вирусно заболување кое ќе може да се контролира.

ДВ? Дали работите на нова вакцина, на нова генерација на својата вакцина против нови мутации на вирусот?

Сахин: Да, моментно тестираме варијанти на вакцини на релативно мал број доброволци. Студијата за јужноафриканската бета варијанта е речиси готова, уште една за делта варијантата е во тек, првенствено заради собирање податоци. Моментно нема потреба за замена на вакцината. Но, сакаме да покажеме дека можеме да произведеме и клинички да тестираме нови варијанти на вакцинии дека тие се подеднакво сигурни како и вакцините кои моментно ги имаме. Ако следната година се појави нов вид за кој вакцината мора да се прилагоди, би можеле тогаш многу брзо да направиме со оглед на фактот дека веќе етаблиравме процеси што одговараат. Ќе можеме, значи, без поголеми возбудувања, да се подготвиме на тоа дека вакцината под одредени околности ќе мора секои две години да се прилагодува на нови мутации на вирусот.

ДВ: Треба ли да се вакцинираат децата?

Сахин: Ние не можеме да речеме дали е тоа нужно или не. Ние генерираме податоци и тие податоци ги доставуваме на надлежните служби. Вакцините за деца од 12 до 15 години се веќе одобрени.

Туреци: податоците за деца на возраст меѓу пет и осум години ги предадовме пред четири недели на надлежните служби, а тоа би морало да се анализира во целокупниот контекст на јавното здравство. Тоа го прави секоја нација и секоја влада за себе. Ние на тоа не влијаеме. До крајот на годината ќе ги предадеме податоците и за уште помалите деца, од шест месеци до четири години. Тие студии се во тек.

Сахин: многу е важно дека постои понуда. Кога вакцините се одобрени, тогаш секој за себе може да одлучи дали сака тоа да го искористи или не.

ДВ: Дали сте разочарани со фактот дека и после толку истражувања сеуште има луѓе кои одбиваат да бидат вакцинирани? Имате ли разбирања за тоа?

Сахин: Можеме тоа да го сфатиме и воопшто не сме разочарани. Тоа што ние од наша страна го правиме е транспарентно да ги дадеме информациите. Според мене е добро и тоа што експертите за тоа зборуваат во медиумите. Така секој има можност да ја сфати оваа ситуација. Единствено што секому го советувам е да не користи само еднострани информации туку да се информира што е можно повеќе. На тој начин можете тогаш и сами да донесете одлука.

ДВ: Имате ли разбирање за тоа кога луѓето ќе кажат дека се работи за нова технологија и дека не се знае какви се долгорочни последици може да се добијат?

Сахин: Го разбираме и тоа. Но, од друга страна, вакцината се поднесува многу, многу добро, што спаѓа во најважните достигнувања на човештвото. Без вакцини нашето општество не би можело толку добро да се развие, како што тоа е случај денес. И факт е дека нашата вакцина се темели на нова технологија, но тоа е технологија која добро ја запознавме затоа што таа постои веќе 30 години. Нашата вакцина не настана туку така, таа е втемелена на биомолекули кои се наоѓаат во секоја станица во нашето тело. Не донесуваме ништо ново и имаме многу добра научна база, со оглед на тоа дека во овие истражувања се вложува повеќе од 30 години. Заради тоа нашата вакцина можеше толку брзо и да биде развиена.

ДВ: Многумина беа сигурни дека токму вие, за своето револуционерно откритие, оваа година ќе ја добиете Нобеловата награда за медицина. Дали сте разочарани што не ја добивте?

Туреци: Големата награда што ја добивме е таа што стотици милиони луѓе се вакцинирани со она на што долго време работевме и што примаме мејлови од многу луѓе кои се заблагодаруваат и ни испраќаат фотографии со своите баби кои конечно можат да ги посетат. Тоа се нашите Нобелови награди, кои ги добиваме секојдневно, и кои ни се многу важни.

ДВ: Владите ширум светот сакаат да мотивираат што повеќе луѓе да се вакцинираат. Можат ли навистина да направат уште повеќе?

Туреци: Сите влади се трудат да ги поттикнат луѓето на вакцинација и развија паметни и интересни начини. Исто така треба да се угледаат и да учат едни од други. Градоначалничката на Келн еднаш ни раскажа дека понекогаш и самата оди во делови од градот каде што се нуди вакцината. Тоа треба да го прават и другите претставници на власта.

 

 

 

(Фото: ЕПА)