Остар пад на приходите на „Бионтех“

LinkSense.mk

Германската биотехнолошка компанија „Бионтех“ објави дека нејзината нето добивка и приходи се значително намалени во првиот квартал поради падот на побарувачката за нејзината вакцина против коронавирус.

Нето добивката во првите три месеци од годинава падна на 502 милиони евра, од 3,7 милијарди евра во истиот период лани.

Вкупниот приход изнесува 1,28 милијарди евра и е речиси 80 отсто помалку од една година порано, што компанијата го припишува на пониски комерцијални приходи од испорака и продажба на вакцини против коронавирусот низ целиот свет.

Приходите од вакцината против корона се намалија за нешто повеќе од 80 отсто, на 1,26 милијарди евра, објави компанијата.

Минатата недела, Светската здравствена организација (СЗО) ја укина глобалната вонредна состојба, велејќи дека вирусот што уби повеќе од 6,9 милиони луѓе сега треба да се третира како дел од пакетот други заразни болести.

„Бионтех“ неодамна ги потврди своите деловни прогнози за 2023 година, според кои оваа година очекува приход од вакцини од околу пет милијарди евра.

За споредба, лани од продажба на вакцини инкасираа 17,2 милијарди евра.

Тие, исто така, истакнаа дека нивниот буџет за истражување и развој (R&D) оваа година ќе изнесува меѓу 2,4 и 2,6 милијарди евра, 80-тина проценти повеќе од минатогодишните 1,54 милијарди евра, поради вработувањето на научници и поскапите подоцнежни фази на тестирање на нови лекови и вакцини.