Отворени плажите во Грција: Гостите мора да почитуваат четири правила

Неполни три недели откако јужниот сосед ги отвори границите за државјаните од земјите од Европската унија, но и за Србија, Велика Британија и Обединетите Арапски Емирати, денес конечно се отворија и плажите.

Пред пет дена беа отворени кафулињата и рестораните, навистина само терасите, но тоа Грците едвај го дочекаа. Во угостителските објекти игла немаше каде да падне, што не може да се каже и за плажите, затоа што посетителите мораат да испочитуваат бројни правила.

Првото правило подразбира да испратат СМС порака на бројот 13033 со кодот 6, ако сакаат да резервираат лежалка на некоја од уредените плажи.

Кога станува збор за мерките кои се применуваат на плажите, тие подразбираат дека растојанието меѓу еден комплет (чадор за сонце и две лежалки) мора да биде минимум четири метри. Ова правило може да биде прекршено исклучиво ако на плажата дојде семејство со повеќе членови.

Вработените се обврзани да ги дезинфицираат лежалките и чадорите за сонце пред да ги изнајмат.

Во рестораните е забранета музика, а исто така не е дозволено ниту задржување во баровите на плажа.

Сепак, сето ова не ги обесхрабри Грците да ги наполнат уредените плажи и да уживаат во убавото време.