Отфрлен и последниот предлог на СДСМ

Со четири гласа „за“ и чеитри гласа „против“ Државната изборна комисија вечерва не го прифати последниот приговор на СДСМ, којшто се однесуваше за избирачко место 2011 во општина Теарце, во Шестата изборна единица.

Субхи Јакупи, член во ДИК по предлог на ДУИ, претходно кажа дека нема да гласа.

За прифаќање на приговорот гласаа: Виолета Дума, Игор Милев, Реџеп Прекопуца и Александар Чичаковски.
Против приговорот на СДСМ беа Силвана Бонева, Сашо Срцев, Бедредин Ибраими и Атанас Урумов.

СДСМ бараше гласањето на тоа избирачко место да биде повторено, затоа што уште од почетокот на гласањето недостасувало едно гласачко ливче, со делот на кој е впишан серискиот број.

При броењето на гласовите ливчето е најдено во гласачката кутија, што упатува на сомнежот за изборни нерегуларности, а го нема и записникот број 15 од ова избирачко место.

Досега, ДИК прифати само еден приговор од движењето Беса и поништи гласање на едно избирачко место во Гостивар.

Отфрлени се шест приговори поднесени од Коалицијата предводена од СДСМ и седум од Движењето Беса.

СДСМ, претходно повлече два поднесени приговора.

Партиите сега имаат дваесет и четири часовен рок до кога треба да подготват и поднесат тужби до Управен суд, а судот треба да одлучи за нив во рок од 48 часа.