Охридска банка е најдобра македонска банка за 2017-та

Втора година по ред, Охридска банка Сосиете Женерал е прогласена за „Најдобра банка во Македонија”.

Банката покажала најдобри резултати при евалуација на објективни и субјективни критериуми за анализа.

Изборот на „Најдобра банка“ го врши реномираниот магазин „Глобал Фајнанс“, публикација на Светска Банка од Вашингтон.

Наградата на Охридска банка Сосиете Женерал за најдобра банка од Македонија на пазарите од Централна и Источна Европа ќе и биде доделена на свечена церемонија на 14 октомври годинава во рамките на годишното собрание на ИМФ/Светска банка, во Вашингтон, САД.

При одлучувањето за наградата, при анализата, како објективни критериуми биле земени предвид растот на активата, профитабилност, географска покриеност, стратешки партнерства, нов бизнис развој и иновативни производи, додека како субјективни се мислењата и ставовите на кредитни и банкарски аналитичари од индустријата.

Со цел да ја зголеми точноста и релевантноста на податоците, „Глобал Фајнанс“ спроведува и анкета меѓу своите читатели, со што дополнително го потврдува кредибилитетот на призанието.

Оваа година, признанија се доделени на 22 банки во 22 држави во Централна и Источна Европа.

Целта на наградите за Најдобра банка е препознавање на финансиските  институции кои покажуваат  натпросечни напори во испорачување на производи и услуги кои ги пресретнуваат уникатните потреби на клиентите.