Паднаа акциите на Твитер за 15 отсто

Компанијата Твитер информираше денеска за лошите приходи и за пад профитот многу повеќе отколку што се очекувало на Волстрит.

Слабите деловни резултати во третото тромесечје Твитер ги припиша на проблемите со огласувањето и невообичаено ниската побарувачка за нив во текот на летото, што придонело за пад на акциите за 15 проценти, пренесе Ројтерс.

Акциите на социјалната мрежа и микро-блогот на платформата во електронското тргување се „симнаа“ на 33 долари.

Приходите на Твитер во третиот квартал, на годишно ниво, пораснаа за девет проценти, на 824 милиони долари, потфрлајќи во однос на очекувањата на Волстрит од 874 милиони долари.

Вкупните приходи од огласувањата изнесуваат 702 милиони долари, што претставува осумпроцентно зголемување во однос на истиот период од лани.

Нето добивката во третиот квартал изнесува 37 милиони долари или 0,05 долари по акција, во однос на нето добивката од 789 милиони долари, или 1,02 долари по акција, од истиот период минатата година.

Аналитичарите очекуваа нето профит од 161,5 милиони долари.

Компанијата предвидуваше дека растот на приходите во третиот квартал ќе заостанува за првите две тромесечја, и заради укинување на некои стари формати на огласи.

Твитер, меѓутоа, се соочи со неочекувани проблеми, како што се техничките дефекти на огласите за мобилните апликации.

Во четвртото тромесечје, според очекувањата на компанијата, вкупните приходи ќе бидат меѓу 940 милиони и 1,01 милијарди долари.

Сепак, Твитер регистрираше пораст на дневно активни корисници, чиј број во третиот квартал достигна 145 милиони. Тоа е за четири отсто повеќе во однос на вториот квартал, кога компанијата пријави 139 милиони корисници, и исто така 17 отсто повеќе во однос на истиот квартал од 2018 година.