На азиските берзи цените на акциите денеска паднаа, како и минатата недела, бидејќи инвеститорите стравуваат од дополнително забавување на растот на кинеската економија, но и од дополнително агресивно зголемување на каматните стапки на Американската централна банка.
МЦСИ индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, околу 7 часот беше во минус за 0,9 отсто.
Притоа, на Токиската берза индексот Никеи потона за повеќе од 2 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Австралија и Јужна Кореја се намалија меѓу 0,1 и 1,3 отсто. Во Хонг Конг денеска поради празник не се работи.
Падот на индексите е резултат на стравувањата на инвеститорите дека агресивното заострување на монетарната политика од страна на американската и другите големи централни банки во светот може да го забави и онака бавниот раст на глобалната економија.
Најмногу загрижуваат лошите трендови во Кина бидејќи слабеат економските показатели, додека рестриктивните мерки против ширењето на корона вирусот во некои градови, вклучително и Шангај, стануваат поостри бидејќи властите не се откажуваат од политиките на нулта толеранција во борбата со ковидот.
Инвеститорите ги загрижува и монетарната политика на американската ФЕД, која после зголемувањето на клучните камати за 0,50 процентни поени минатата недела, најави натамошни зголемувања на вредноста на парите.
На пазарот на пари се проценува дека до јули основната каматна стапка на ФЕД ќе биде помеѓу 1,75 и 2 отсто, сега е од 0,75 до 1 отсто. До крајот на годината, пак, би можела да биде околу 3 отсто.
Затоа утринава во минус се и американските фјучерсни индекси, за повеќе од 1 отсто, што најавува денешен пад на цените на акциите на Волстрит, трет ден по ред.
„Серијата зголемувања на каматите, сè поагресивната антиинфлациска комуникација, и покрај слабеењето на активностите во Кина и Европа, новите планови за забрана на купување на руска нафта… Ова доведе до мрачни изгледи дека потрајната висока инфлација ќе ги принуди централните банки да ги зголемат каматите, и покрај наглото забавување на економскиот раст“, пишуваат аналитичарите на „Барклис“ во прегледот на состојбата на пазарот.
Инвеститорите оваа недела, меѓу другото, ќе се фокусираат на извештајот за потрошувачките цени во САД, кој ќе биде објавен во среда.
„Во првиот квартал, годишната стапка на инфлација беше 5,6 отсто. Тоа е превисоко за ФЕД и веруваме дека челниците на централните банкари нема да бидат посмирени додека основната стапка на раст на цените не падне на 0,2 отсто на месечна основа. Но, ФЕД не е единствената централна банка се соочува со агресивни притисоци. И сигналите од Европската централна банка стануваат сè поагресивни“, пишуваат аналитичарите на АНЗ, осврнувајќи се на состојбата на пазарите.
И на девизниот пазар, вредноста на доларот во однос на кошницата валути порасна и се движи блиску до највисоките нивоа во последните 20 години, бидејќи се очекува ФЕД да продолжи со затегнување на монетарната политика поради високата инфлација.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест главни светски валути, се движи околу 104,03 поени, додека во петокот вечерта изнесуваше 103,64 поени.
Притоа, курсот на доларот во однос на јапонската валута скокна од 130,55 на 130,90 јени.
Американската валута зајакна и во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0510 долари, додека во петокот вечерта беше 1,0550 долари.
Цените на нафтата, пак, благо пораснаа, откако минатата недела пораснаа за речиси 5 отсто.
Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово се покачи за 0,12 отсто, на 112,53 долари, додека на американскиот пазар барелот благо поскапе на 109,79 долари.
(Фото: ЕПА)