Пад на цената на нафтата трета недела по ред

LinkSense.mk

Цените на нафтата на светските пазари паднаа и минатата недела, трета по ред, што е последица на јакнењето на доларот и стравувањето на трговците дека Вашингтон би можел да интервенира за да ја намали цената на „црното злато“.

Вредноста на барел на лондонскиот пазар падна минатата недела за 0.7 отсто, на 82.17 долари, додека на американскиот пазар барелот поефтини за 0.6 отсто, на 80.79 долари.

Така на лондонскиот пазар цената на барел нафта дополнително се намали од највисокото ниво во последните три години, а на американскиот пазар во седум.

Пазарите за нафта ги закочи последниве денови јакнењето на доларот, што ја намалува куповната моќ на сопствениците на другите валути, а со тоа и побарувачката за нафта.

Имено, на девизните пазари вредноста на доларот кон кошничката со шест најважни светски девизи минатата недела порасна за речиси 1.00 отсто и го достигна највисокото ниво во последните 16 месеци затоа што американскиот Фед би можел да ја заостри монетарната политика пред времето што се очекуваше.

А, пак, тоа би го забавило заздравувањето на најголемата светска економија од корона кризата, а со тоа и побарувачката за енергенси.

Минатата недела беше објавено дека потрошувачките цени во САД во октомври пораснаа за 6.2 отсто во однос на истиот месец лани, најсилно од декември 1990 година.

Растот на инфлацијата е, меѓу останатото, последица на растот на цените на енергенсите. Заради тоа се засилија шпекулациите дека владата на американскиот претседател Џо Бајден би можела да одлучи да продава нафта од стратешките резерви за да се смири растот на цената.

Минатата недела потсети дека цените не се под влијание само на односот на понудата и побарувачката, туку и на монетарната политика и можната интервенција на власта. Поголемите каматни стапки на Фед дополнително би го поддржале доларот и би ја притиснале цената на нафтата“, вели Луис Диксон, аналитичарка во компанијата „Рајстад Енерџи“.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) во четвртокот ја намали проценката на светската побарувачка на нафта во четвртото тримесечје за 330.000 барели дневно во однос на проценката од октомври, со напомена дека високите цени на енергенсите го попречуваат заздравувањето на економиите од пандемијата со корона вирус.

ОПЕК и неговите сојузници, на чело со Русија, неодамна одлучија да продолжат со веќе постепеното зголемување на производството во декември и во првите месеци од 2022 година, за 400 илјади барелиу дневно.

Цената на барелот на лондонскиот пазар порасна од почетокот на годината за околу 50 отсто, благодарение на заздравувањето на побарувачката за нафта среде заздравувањето на економиите, но и одржувањето на производството од страна на ОПЕК под претпандемиското ниво.

 

 

 

 

(Фото: ЕПА)