Пак ќе гледаме стари фотографии

Некои слики остануваат во сеќавањата до крајот на животот. А, и да избледат, тука се старите фотографии кои ја освежуваат меморијата. Луѓето кога ќе подостарат сакаат да гледаат слики кога биле млади. Една од тие слики кај повеќе генерации граѓани на Македонија е врежана вечерта на 8 септември 1991 година од градскиот плоштад во Скопје… Честито народе, Македонија е самостојна и независна држава одекнуваа зарипнатите гласови на првиот претседател Киро Глигоров и на првиот премиер Никола Кљусев од свечената бина. Топовски салви, се отвараат шампањи. Осветлено темното небо.

Имав 40 години и неизмерна радост како и илјадници насмеани лица полни со голема надеж за светла иднина. Силно ечеа зборовите за остварените вековни стремежи. Славевме до раните утрински часови сигурни дека почнува новата ера, дека се остварува сонот за поубав и побогат живот, за слободна, демократска и европска Македонија. Бевме длабоко убедени дека сите надежи за пристојна и успешна држава ќе се остварат многу бргу, само за неколку години.

А, надежите? Што бидна со надежите? 

Денес, точно по 30 години, ние што преживеавме, повторно ќе ги гледаме старите фотографии и филмови, ќе се одбележува големиот јубилеј. Ќе има повеќе свечености, говори, пишани и непишани реферати, свечени академии, ќе се емитуваат документарци, ќе се евоцираат сеќавања, исто, или слично како што беше на голем број годишнини и сега пак на 30 годишнината од независноста. Многу е извесно дека така ќе биде и во иднина. А, надежите? Што бидна со надежите? Се истрошија ли? Не, тие остануваат и натаму, но со многу помалку верба дека ќе се остварат стремежите од 8 септември 1991 година.

Ерол Ризаов Киро ГлигоровЕрол Ризаов и Киро Глигоров 

Прославите на независноста ќе бидат сѐ побучни и посвечени сѐ до денот кога ќе се остварат стратегиските интерси во кои толку многу веруваме. Е, потоа идните генерации ќе можат многу поскромно и подостоинствено да ја одбележуваат годишнината на самостојноста, се разбира, ако успееме до тогаш да ја сочуваме државата.

Во годините помеѓу големите јубилеи, политичарите и натаму ќе се караат меѓу себе, а заедно со нив и ние, кој повеќе е виновен што не се остварени државните и националните интереси. Сѐ така, додека не стаса една нова неоптоварена генерација на политичари и граѓани која ќе знае да ја процени својата објективна позиција и сила во егоистичниот свет на интересите и на посилните, додека не постигне единство и да ги повлече вистинските потези кои денес се сметаат за предавство и распродажба на националните интереси.

Дали ја оправдавме независноста? 

Тоа е можно само ако успеат да го сотрат лажниот патриотизам со кој се затскрива национализмот. Почнувајќи прво од политичарите, па до научниците, интелектуалните и деловни елити кои го немаат ни соодветното образование, ни креативност, ниту пак храброст како што се претставуваат себеси, па да застанат здушно во одбрана на неопходните компромиси и болни реформи. Малкумина кои имаа таква храброст да кажат јавно дека ниту имаме таква моќ, ниту таква силна поддршка да ги оствариме целите без отстапки, се сатанизирани, јавно жигосани, како предавници и странски платеници.

Постојано се вергла истата реченица – по која цена, по секоја ли цена, треба да се остварат врвните национални интереси за да станеме европска држава, па мора ли баш да влеземе во ЕУ кога таму не нѐ сакаат. Нема ли друга подобра алтернатива? Додека 30 години трае таа кавга, ја плативме и преплативме цената, бидејќи и по членството во НАТО сѐ уште сосема на место се поставува прашањето дали ја оправдавме независноста.

Одговорот е НЕ. Македонија и по три децении не ја оправда независноста, бидејќи не се остварени стремежите не само од осми септември 1991 година, туку и од Илинден 1903 и Илинден 1944 година, иако веќе навлезени во третата декада на 21 век.

Уште колку генерации ќе потрошиме? 

Македонските политички и интелектуални елити не ги забрзаа историските процеси, туку во долг период во битките за власт и привилегии ги закочија, лицитирајќи ја висината на цената што треба да се плати. Ја платија и преплатија повеќе генерации кои заминаа од овој свет без да го видат остварен својот сон. Ќе треба да потрошиме уште неколку генерации за да ја стекнеме неопходната мудрост и знаење дека политиката е наука за стекнување пријатели, дека компромисот не е предавство, дека високите достигнувања во квалитетот на животот на граѓаните, слободата и демократијата, владеењето на правото, економскиот развој не се остварливи ако останеме изолирани и осамени како последен бастион на Балканот.

За првпат по прогласување на независноста, дури по цели 25 години, Македонија успеа да повлече храбри потези и да покаже подготвеност за заеднички прифатливи решенија со своите соседи.

И наместо да се постигне неопходното единство околу овие храбри чекори кои водат кон остварување на целите, изградивме амбиент на нови поделби и недоверба претворајќи ги овие успеси во предавства и сомнежи за светски заговори против Македонија, што е одлично тесто за предизборни кампањи.

Нерешителноста на ЕУ 

Во тоа, за жал, помогна и нерешителноста на Европската унија во пресудниот момент со француското вето кога требаше да почнат преговорите веднаш по Преспанскиот договор. Се воспоставија нови правила за проширување на унијата кои го охрабрија нашиот сосед Бугарија да излезе од рамките на веќе склучениот и ратификуван Договор за доброседство и да постави нови ултимативни услови во собраниска декларација за отпочнување на преговорите со ЕУ.

Оваа катастрофална одлука на Унијата по иднината на Македонија со новите правила се префрли на домашен терен во меѓусебни партиски пресметки која заврши со Резолуција во Собранието која со ништо не ги подобри преговарачките позиции на Македонија, туку само послужија како добар изговор на Бугарија за своите антицивилизациски и антиевропски постапки кон својот сосед, сега навлезени во доктрина дека се репресирани Бугарите во Македонија.

Ги знаеме виновниците 

Затоа на триесетгодишнината од осамостојувањето, наместо свечености и прослави, треба да се каже вистината зошто Македонија сѐ уште не ја оправда својата независност, не само во делот на отпочнување на преговорите со ЕУ, туку и за сите други работи кои беа и сѐ уште се пречка за изградба на современа и просперитетна, економски стабилна демократска држава. Тоа не е неопходно поради откривање на виновниците за пропуштените шанси. Нив ги знаеме. И едните и другите и третите безмалку подаднакво управуваа овие три децении со државата и ја делат одговорноста за тоа. Туку, колку и да изгледа тоа невозможно, да ги отвориме прозорците, оти веќе сите се задушивме. Прво да го најдеме изгубениот пат во сопствениот двор, па потоа сѐ друго.

Ерол Ризаов
извор: ДВ