Парламентарното мнозинство е подготвено да ја реализира граѓанската волја

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорите на Германија, Велика Британија, Шведска и Холандија, Кристине Алтхаузер, Чарлс Гарет, Матс Стафансон и Ваутер Пломп.

На средбата, според информациите од СДСМ, Заев, Алтхаузер, Гарет, Стафансон и Пломп констатирале дека Македонија мора да ги продолжи демократските процеси и на тој начин да осигура стабилна иднина за своите граѓани.

„Парламентарното мнозинство од 67 пратеници е подготвено да ја реализира граѓанската волја за промени, изразена на изборите на 11 декември. Чекорите што следуваат во брзо време се избор на нов собраниски претседател и нова реформска Влада, според Деловникот на Собранието, Уставот на Македонија и законите, истакнал Заев.

Се разговарало и за тоа дека партиите, институциите и поединци мора да имаат предвид дека имаат одговорност да го овозможат овој процес, како и за последиците од евентуалното противуставно однесување на штета на државните интереси.

„Неопходно е Трајко Велјаноски и Ѓорге Иванов да постапат според мнозинската волја на граѓаните, и опозицијата, а Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ да овозможат мирен трасфер на власта“, потенцирал Заев.

Заев и амбасадорите Алтхаузер, Гарет, Стафансон и Пломп оцениле дека излез од кризата е спроведување на итните реформски приоритети во Македонија, што ќе ги одблокираат евро-атлантските перспективи, а тоа ќе обезбеди квалитетен живот за сите граѓани, раст на економијата и животниот стандард и развој на државата.