Партиите преферираат фер настап на изборите

Политичките партии се подготвени за фер и транспарентна трка, а изборите ќе можат да се одвиваат во атмосфера на доверба и транспарентност, е оценката на тројката европратеници Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан што ја изнесоа на заедничката прес-конференција по средбите во Скопје со лидерите на политичките партии.

„Сите партии покажаа оптимизам во однос на резултатите што ги очекуваат да ги постигнат. Задоволни сме што постои дух на соработка помеѓу двете главни партии и нивните лидери за избегнување инциденти за време на изборната кампања. Имаме добра причина да веруваме дека изборите на 11 декември ќе бидат фер и транспарентни и дека ќе претставуваат почеток на едно ново време во Македонија“, изјави европратеникот Вајгл, кој е и известувач за Македонија во Европарламентот.

Кукан посочи дека чувството по средбите е дека подготовките за изборите се одвиваат добро и се надева дека така и ќе остане.

„Се надевам дека ќе има кредибилни избори прифатени од сите партии и дека новата влада веднаш ќе почне со имплементирање на приоритетните реформи“, заклучи Кукан.

Флекенштајн, пак, потсети дека овие избори ќе бидат набљудувани од ОБСЕ/ОДИХР кои се, рече, добро подготвени за таа работа и дека во процесот на мониторирањето ќе бидат вклучени и пратеници и претставници од невладини организации.

Вајгл, Кукан и Флекенштајн најавија дека постојано ќе следат случувањата во Македонија и дека повторно ќе дојдат во земјава една недела по изборите