Пендаровски и Радев на заедничко чествување на Кирил и Методиј

Со посетата на базиликата „Санта Марија Маџоре“, претседателите на Македонија и Бугарија, Стево Пендаровски и Румен Радев, утре заеднички ќе им оддадат почит на
Светите браќа Кирил и Методиј.

Тие ги предводат делегациите на двете земји, кои ќе ги посетат Рим и Ватикан во чест на сесловенските просветители.

Положувањето цвеќе во спомен на сесловенските просветители на плочите на македонски и бугарски јазик и воопшто заедничката посета и заедничкото патување со бугарски државен авион на двете делегации се оценува како чекор кон затоплување на климата меѓу двете земји и тоа во момент кога на маса е ставен португалскиот предлог за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија за одблокирање на процесот
на евроинтеграција на Македонија.

Одбележувањето на Свети Кирил и Методиј на двете државни делегации оваа година не се одржа на Денот на просветителите, 24 Мај, туку малку подоцна поради здравствените протоколи на поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск. На самиот ден на Свети Кирил и Методиј во Рим и Ватикан беше делегација на МПЦ-ОА, предводена од владиката Пимен, кој чиноначалствуваше со молебен на
гробот на Св. Кирил.

Пендаровски и Радев денеска полетуваат за Рим. Радев со неговата делегација најпрво ќе пристигне на скопскиот аеродром, каде ќе има куса неформална средба со Пендаровски и потоа двете делегации ќе се упатат за Рим.

Македонскиот претседател денеска попладне во Рим ќе оствари средба со италијанскиот претседател Серџо Матарела.

 

 

(Фото: МИА)