Пендаровски – Рикер: Натамошното јакнење на стратешкото партнерство е во интерес на двете земји

– Претседателот Стево Пендаровски денеска во Вила Билјана во Охрид го прими Филип Рикер, вршител на должноста помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања при што било разговарано за остварувањето на надворешно-политичките приоритети на Република Северна Македонија, за унапредување на односите со САД, за интеграцијата во ЕУ, како и за актуелните состојби во регионот.

Како што соопштија од кабинетот на претседателот, соговорниците ги потврдија партнерските односи меѓу Република Северна Македонија и САД, одличната соработка и сојузништвото во рамки на НАТО Алијансата, како и подготвеноста за натамошно интензивирање на соработката во сите останати области.

Претседателот Пендаровски, се посочува, истакна дека Северна Македонија и натаму останува посветена на реформските процеси, градењето на добрососедски односи и активно учествува во сите иницијативи во насока на унапредување на регионалната соработка.

-САД се наш долгогодишен сојузник и принципиелен поддржувач на реформите во областа на одбраната и безбедноста, владеењето на правото и независноста на судството, јавната администрација. Остануваме посветени на зацврстување на стратешкото партнерство и поттикнување на уште подлабоки пријателски односи меѓу двете земји, истакна на средбата претседателот Пендаровски.

Претседателот посочи дека членството во ЕУ останува наша стратешка цел и дека Унијата мора да изнајде начин, да го вреднува досега сработеното и да овозможи дебоклокада на евроинтеграцискиот процес.

-Секое натамошно одложување на почетокот на преговорите го зголемува евроскептицизмот кај граѓаните, и негативно се одразува на политичките состојби во земјата“, додаде претседателот Пендаровски на средбата со Рикер, стои во соопштението.