ПЕТДНЕВЕН КАРАНТИН ВО ПЈОНГЈАНГ: Граѓаните заклучени поради „неодредена респираторна болест“

LinkSense.mk

Главниот град на Северна Кореја, Пјонгјанг, е затворен пет дена поради неодредено респираторно заболување, објавија денеска јужнокорејските медиуми, повикувајќи се на известување на севернокорејската влада.

Во соопштението не се споменува ковид-19, но се вели дека жителите на Пјонгјанг мора да останат дома до крајот на неделата и да се подложат на проверка на температурата повеќе пати на ден.

Ен-Ка њус информира дека населението прави резерви од храна и други намирници затоа што се очекува да се воведат построги мерки.

Засега не се знае дали и во другите делови на државата ќе има или веќе се воведени слични ограничувања за движење на населението.

Северна Кореја минатата година пријави епидемија со ковид-19, но до август прогласи победа над вирусот.

Сепак, никогаш не потврди колку луѓе се заразени со корона вирусот. Државната новинска агенција КЦНА вчера објави дека градот Кесонг, кој се наоѓа во близина на границата со Јужна Кореја, ја засилил јавната кампањата „сите вработени доброволно да ги почитуваат антипандемиските прописи во работата и животот“.

 

 

 

 

 

 

(Фото: АП)