Пивото и инфлацијата: Што велат бројките?

LinkSense.mk

Во пивницата „Нортерн Монк“, деновиве главната преокупација на Расел Бисет се коктел–пивото и џинот од шумско овошје и свежо мелени малини, што се продаваат додека траат натпреварите на фудбалското Светско првенство во Катар. Но, неговата вистинска грижа се вртоглавите трошоци.

Пиварската индустрија посебно се потпира на суровините кои стануваат се поскапи, пишува „Економист“ (The Economist).

Бисет, кој е сопственик на „Нортерн Монк“, вели дека, сега, да се подготви половина литар пиво чини околу 26% повеќе отколку во 2021 година.

И другите британски пивари пресметуваат нешто слично.

Годишната инфлација на потрошувачките цени изнесува 11,1%.

Но, најголем проблем е цената на енергијата. Потребно е многу енергија за да се загрее водата за натопување на зрната од слад; да се свари течноста создадена од натопени зрна; да се исконтролира температурата на ферментација на пивото; и да се спакува финалниот производ. Од Британската асоцијација за пиво и пабови велат дека, дури и со владината гаранција за цената, очекуваната потрошувачка на енергија на пиварите во 2023 година ќе биде дури 140% повисока отколку во годината пред пандемијата.

Скапата енергија има секундарни ефекти. Пиварите користат течен јаглерод диоксид, нуспроизвод на други индустриски производствени процеси, за складирање, преместување и карбонизирање на пивото.Најголемиот снабдувач на јаглерод диоксид во Англија е компанија која поседува погони за ѓубрива; скоковите во цената на природниот гас ги натераа овие фабрики да го затворат производството на почетокот на оваа година бидејќи сметките беа неприфатливи.

Во август, некои пивари имаа цени на јаглерод диоксид 30 пати повисоки од претходната година.

Другите работи исто така стануваат поскапи. Цената на житарките, како на пример јачменот и пченицата, нагло порасна во пролетта и летото со војната во Украина. Цените оттогаш паднаа, но сè уште се далеку над нивото пред пандемијата. Малите производители на пиво увезуваат хмељ од Америка, каде што одгледувачите одгледуваат сорти со ароматични вкусови, како коскесто овошје и цитрус.

Бисет смета дека сега троши 16% повеќе на хмељ отколку пред една година;

отприлика половина од тоа зголемување се должи на флуктуациите на курсот на доларот.

Расте цената и на алуминиумот за лименки и на стаклото за шишиња; на работната рака, исто така. Во подобри времиња, пиварите ги префрлаа овие трошоци на потрошувачите. Но, тоа е тешко да се направи за време на кризата на трошоците за живот, особено откако беше укинато планираното замрзнување на царината за пиво, како дел од есенскиот пакет мерки на владата минатиот месец.

Цената на алкохолните пијалаци растеше побавно од вкупната инфлација.

За да го зачуваат профитот, пиварите стануваат креативни – ги прилагодуваат своите процеси за да извлечат максимална арома од секој хмељ, заменувајќи го јаглеродниот диоксид со поевтиниот азот или правејќи свој квасец.

Сеедно, по завршувањето на СП во фудбал и божиќно-новогодишното поголемо трошење, во јануари ќе има болно отрезнување…

Како и да е, поскапувањата на пивото во првиот квартал од следната година се неизбежни, најавуваат пиварите.