Плусинфо: Парите ги раскараа „патриотите“

Се скараа патриотските здруженија кои изникнаа во последниот период поради тоа што само на неколку им биле префрлени пари за нивните активности, пренесува информативниот интернет портал Плусинфо повикувајќи се на свои извори.

Според информациите, на едно здружение од Прилеп му биле префрлени пари на сметката за организирање на активности поврзани со протестите, што не било случај со другите здруженија, па тоа било причина за расправија меѓу неколкуте здруженија, што довело до губење на масовноста на протестите „За заедничка Македонија“ кои се одвиваат и низ внатрешноста на земјава.

Здруженија со предзнак М.П.З (македонско патриотско здружение), почнаа масовно да се појавуваат низ Македонија по изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во која најави десоросоизација и формирање на невладини организации кои би биле финансирани од буџетот, се наведува во текстот на Плусинфо.

Истите извори потврдуваат дека веќе е формирана паравојска од која пред некој ден протекоа и првите фотографии, а за нејзиното формирање биле задолжени партиските раководства низ градовите во Македонија.

Според информациите на интернет порталот, „специјални“ луѓе биле посетувани во нивните домови и биле прашувани дали би се приклучиле кон формацијата во замена за интервенција во нивните полициски досиеја.

„Прекрасно им се погоди што одбраната на Груевски може да се маскира со одбрана на Македонија по објавувањето на „албанската платформа“, вели изворот на Плусинфо кој инсистирал на анонимност поради лична безбедност.

Според него, целта за формирањето на ваквите параструктури е „за секој случај“, ако СЈО посегне по лидерот на партијата.