Победниците на Евровизија си го продадоа трофејот за да и купат дронови на украинската војска

LinkSense.mk

Калуш Оркестра, украинската музичка група која победи на овогодинешниот Избор за песна на Евровизија, го продаде својот трофеј за 838.000 евра, за да собере пари за војната во Украина.

Наградата „Кристален микрофон“ е продадена на аукција на Фејсбук, со цел да се купат беспилотни летала за украинската армија, јавува Би-Би-Си.

Продажбата се совпадна со настапот на групата на хуманитарен концерт пред Бранденбуршката порта во Берлин.

Целта на концертот беше да се соберат пари за медицински материјали и други потребни работи за настраданите во војната во Украина. Говорејќи на концертот, членот на групата Олех Псиук апелираше до луѓето да не се навикнуваат на војната во која, според Обединетите нации, загинаа најмалку 4.031 цивили, а 4.735 се ранети, заедно со сè уште непознат број борци.

Повеќе од 14 милиони луѓе се принудени да ги напуштат своите домови поради руската инвазија која започна на 24 февруари, а многу градови се претворени во рушевини.

Мислам дека тоа секогаш треба да биде на насловните страници, додека не дојде мирот“, рече Псиук.

Нивната победничка песна, Стефанија, првично беше напишана како посвета“ кон мајката на Псиук, но емотивните стихови како „секогаш ќе одам до тебе по скршени патишта“, протолкувани се како протест против руската агресија.

Украинскиот телевизиски водител Серхеј Притула најави дека со парите собрани од продажбата на трофејот ќе се купат три дрона ПД-2 од украинско производство.

Беспилотните летала се користат во борбите и од украинските и од руските сили, како оружје и како средства за извидување.

 

 

 

 

 

(Фото: АФП)