Поведена истрага за недозволена трговија со марихуана

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.

Како што соопшти денеска Јавното обвинителство, на 14 октомври, при претрес во домот на осомничениот 37-годишник во Драчево, полицијата пронашла опојна дрога – марихуана со вкупна нето маса од 51,61 грама, спакувана во 10 зипер вреќички и во една најлонска ќеса.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор на осомниченото лице поради опасност од бегство и можност да го повтори делото.