Повлекување на Левица од изборите !?

Основачи на Левица се чувствуваат изманипулирани од извесни лица во раководството заради што до Основниот суд Скопје 2 поднеле предлог за донесување времена мерка за забрана на партијата да учествува на престојните предвремени парламентарни избори во декември.

Подносителите обвинуваат дека одлуките донесени на седница на Централниот комитет одржана на 16 октомври годинава се во спротивност на Статутот на партијата и бараат судот да донесе две одлуки, решение за запирање на одлука за самостоен настап на изборите и решение со кое ќе се задолжи Државната изборна комисија да го суспендира учеството на партијата на изборите.

Барањето доставено до судот е потпишано и поднесено од Жарко Петрески од Скопје, основач и член на Левица.

strana-111

Во барањето до судот подносителот наведува дека на точно неутврден ден, во втората половина на октомври, од лица од партијата бил информиран дека Централниот комитет на Левица на седница на 16 октомври со мнозинство гласови донел одлука партијата самостојно да настапи на изборите на 11 декември.

Во прилог, Петрески доставува до судот записник од четвртата сесија на ЦК.

Оваа одлука, пишува тој во дописот, била во целост спротивна на Статутот на партијата, поточно на членот 26 став 1, каде било прецизирано дека одлуки за учество или бојкот на избори донесувал Пленум, за што на увид на судот го доставува Статутот донесен на 6 февруари годинава.

Потоа, Петрески ги наведува надлежностите на ЦК предвидени во Статутот на Левица.

strana-222

ЦК, вели, има задача да се грижи за насоките утврдени од Пленумот, да утврди идејно-политички задачи, да даде иницијативи за разгледување на одредени прашања на Пленумот, да распише внатрепартиски референдум, да врши измена или дополнување на најважните документи меѓу два пленума, да донесува деловници за работа на другите раководни и нераководни тела, да дава политички насоки на секторите, ограноците и членството, да го разгледа финансиското работење на партијата и да формира комисии, одбори, работни групи и други тела.

Оттука, дециден е Петрески, било очигледно дека одлуката донесена од ЦК на партијата била во целост спротивна на Статутот, што истата ја прави незаконита и арбитрарна.

Ваквата одлука да се учествува самостојно на избори, пишува во предлогот за времена мерка, е донесена од тело кое е ненадлежно и може да доведе до штета на угледот на Левица.

Настанатите штети, стои во документот, би можеле да бидат од исклучително големи размери поради нетранспарентноста и недемократскиот начин на донесување на сериозна и мошне важна одлука.

Оваа и вака донесени одлуки, обвинува Петрески, се погубни за „внатрешнопартиските структури и за угледот на партијата“ заради што бара судот веднаш да издаде времена мерка за да се спречат, како што наведува, и други штети за партијата.

strana-334

Ниту еден од раководните структури на Левица вчера не сакаше да даде каква било официјална изјава во врска со случајов.

Велат, ќе молчат за да не се добие впечаток дека вршат притисок врз судот.

Ќе почекаат, ни рекоа, да се произнесе судот па после тоа ќе излезат во јавноста со свој став.