Во Австрија денес се одржуваат претседателски избори на кои ќе се спротивстават кандидатот на левицата Александер Ван дер Белен и десничарот кого го поддржува популистичката антимиграциска партија Слободарска партија на Австрија (ФПО), Норберт Хофер.
Главното прашање на изборот е политичкиот курс на Австрија и во одредена смисла на Европската унија.
Победата на Хофер ќе значи свртување на Австрија на десно, што ќе го поздрават и други популистички евроскептични политичари во ЕУ, оние на власт или оние кои сакаат да дојдат на власт.
Трката за новиот претседател требаше да биде завршена во мај, кога Ван дер Белен го победи Хифер за помалку од еден процентен поен.
ФПО не ги призна резултатите од изборите тврдејќи дека се забележани бројни нерегуларности.
Уставниот суд одлучи изборите да бидат повторени.
Повторените избори беа закажани за во октомври и дополнително одложени за 4 декември поради неисправност на гласачките ливчиња.
Правото на глас на изборите имаат околу 6,4 милиони австриски државјани.
Гласачките места се отворени од 8.00 до 17.00 часот, по локално време.
Првите резултати се очекуваат еден час по затворањето на избирачките места.