Пожар на патнички траект на Филипини: Најмалку седум загинати

LinkSense.mk

Седум лица загинаа откако денеска на Филипините се запали траект кој превезувал 134 лица, а седум патници сеуште се водат како исчезнати, соопшти крајбрежната стража.

Бродот се запали непосредно пред да пристигне во пристаништето Реал во покраината Кезон, на околу 60 километри источно од главниот град Манила. Од островот Полио тргнал во 5 часот по локално време, а помош повикал во 6.30 часот.

Загинаа пет жени и двајца мажи, додека 120 патници се спасени, а 23 лица добија медицинска помош, се вели во соопштението на спасувачката служба.

На фотографиите што ги сподели крајбрежната стража се гледаат луѓе во елеци за спасување во морето кои чекаат да бидат спасени, додека некои од нив биле прифатени од товарен брод што минувал во тоа подрачје и биле однесени на безбедно место на брегот. Оган и густ чад го зафатиле двокатниот патнички брод.

Причината за пожарот се уште не е позната, но Филипините, архипелаг со повеќе од 7.600 острови, имаат лоша репутација за поморската сигурност, бидејќи бродовите им се често преполни, а и многу стари.

Околу 5.000 луѓе загинаа во најголемата бродска несреќа во светот во 1987 година, кога преоптоварениот патнички траект Дона Паз се судри со танкер со нафта кај островот Миндоро, јужно од главниот град Манила.