Познат руски молекуларен биолог пронајден мртов во Санкт Петербург, паднал од 14-катница со убодна рана

– Познатиот руски молекуларен биолог Александар Саша Кагански (45) е пронајден мртов во Санкт Петербург. Тој беше поврзан со Универзитетот во Единбург и е познат по својата работа во борбата против ракот.

Кагански го загубил животот во саботата кога паднал од прозорец на 14- катница, а телото му го пронашол еден од соседите на тротоар пред зградата.

Кагански бил во долна облека и имал убодна рана по телото.

Руското истражно биро отвори истрага за убиството на Кагански и уапсила осомничен 45-годишен маж, јави Тасс. Осомничениот наводно бил пријател на Кагански од училишните денови, а кажал дека биологот бил психички нестабилен и дека самиот се повредил со нож, пишува „Москва Тајмс“.

Осомничениот кажал дека Кагански скокнал од прозорецот кога се обидел да му го грабне ножот од раката.

Полицијата верува дека двајцата се степале пред Кагански да падне од повеќекатницата.

Кагански на Универзитетот во Единбург работел 13 години, се до 2017 година, а потоа бил директор на Центарот за геномска и регенеративна медицина при Федералниот универзитет во Владивосток и продолжил да работи со шкотската образовна институција.

Тој, исто така, работел на развојот на вакцината против коронавирус.