Политичката неизвесност во САД ги турка берзите во „црвено“

Акциите на Волстрит го почнаа овонеделното тргување во минус, поради колапсот на акциите на американскиот производител на луксузен накит „Тифани“ предизвикан од оставката на дгенералниот директор на таа компанија.

После само 15 минути од отварањето на берзата, индустрискиот индекс Дау Џонс падна за 0,1 отсто, на 20.061,21 поен, С&П 500 за 0,2, на 2.293,09 поени, а технолошкиот Насдак за 0,2 отсто, на 5.653,22 поени, пренесува агенцијата Франс прес.

Истовремено, акциите на „Тифани“ изгубија 2,2 отсто од вредноста, откако генералниот директор Фредерик Куменал викендов кажа дека си заминува од фирмата.

Непредвидливата природа на Доналд Трамп значително ја отрежнува можноста за предвидување на неговите следни чекори“ Крег Ерлам, аналитичар на компанијата „Оанда“

Во Европа, лондонскиот индекс ФТСЕ 100 во попладневните часови падна за 0,1 отсто, на 7.178,02 поени, франкфуртскиот ДАХ 30 за 0,8 отсто, на 11.553 поени, а парискиот КАК 40 за 0,9 отсто, на 4.785,12 поени.

Повеќето светски берзи се, како што наведуваат аналитичарите, во „црвено“ поради неизвесната политичка ситуација во САД.

На валутните берзи, еврото ослабе на 1,0724 долари од 1,0742 долари од петокот, фунтата на 1,2449 долари од 1,2493 долари, а доларот на 112,38 јени од 112,59 јени, наведува АФП.

Во Азија, токискиот индекс Никеи скокна за 0,3 отсто, хонгкошкиот за 1,0 отсто, а шангајскиот за 0,5 отсто.