Половина милион евра завршија на буниште

Се остварија прогнозите дека стотиците палми низ Скопје нема да преживеат. Минусните температури биле пресудни палмите да смрзнат и да се исушат. Не им помогнаа ниту јутените вреќи и најлони со кои стеблата беа „облечени“ за време на зимата.

Од ЈП „Паркови и зеленило“ потврдија дека најголем дел од палмите се исушиле. Екипите на претпријатието почнале да ги откопуваат дрвата и да ги носат на отпад.

За тоа сведочи и фотографија која ги преплави социјалните мрежи. Од неа се гледаат неколку исушени палми фрлени на депонија.

palmi

Од вкупно 135 колку што беа засадени низ Скопје, преживеале едвај 10. Односно, како што потврдија од „Паркови“, само 7 проценти не се исушиле.

Во Скопје беа засадени палми на булеварот „Теодосиј Гологанов“, десетици во Карпош, Бутел, Аеродром, во Ново Лисиче…

Палмите беа постојано под посебен третман. Летно време врз нив беа намонтирани специјални прскалки со вода, а зиме беа обвиткани со јута и најлони. Но, се покажа дека и тој третман не беше доволен за да ги спаси, бидејќи не успеаја да ги издржат минусните температури, и покрај спротивните тврдења.

Од Град Скопје тврдеа дека палмите можат да издржат температури од минус 15 Целзиусови степени.

Сега оттаму се оградуваат од одговорност и прстот го вперуваат во ЈП „Македонски шуми“, кое, всушност и ја изврши набавката на вкупно 1.100 палми.

За нив се исплатени повеќе од половина милион евра, бидејќи за набавка на едно стебло беа исплатени по околу 500 евра.

Палмите беа купени од Друштвото за производство, трговија и услуги „Россен центар“ од село Стримница во Општина Желино, а беа засадени, освен во Скопје и во Прилеп, Гевгелија, Дојран, Струга.

Акцијата се реализираше иако голем дел од експертите уште тогаш предупредуваа дека е голема веројатноста палмите да не преживеат.

За прв пат, палми во Скопје засадија градските власти пред повеќе години за да ја разубават првата градска плажа на Кејот на Вардар. Но, тие успеаја да преживеат едвај две години.