Помалку заразени и повеќе вакцинирани против коронавирусот

Продолжува трендот на се помалку заболени од Ковид-19, а се повеќе оздраведни, но се зголемува и бројот на вакцинирани граѓани. Паралелно се намалува притисокот во болничките капацитети со пациенти од коронавирусот. За идната недела е најавено да стартува издавањето на македонскиот зелен пасош за патување во странство.

Според податоците што ги објави вчера Министерството за здравство, од направените 2.533 тестирања во претходното деноноќие биле регистрирани 50 нови случаи на Ковид-19. Поголемиот број на позитивни случаи се во Скопје – 26, по што следат Битола – 7, Куманово – 6, Прилеп, Охрид и Струга – по 2, Гостивар, Кочани, Дебар, Виница и Кратово – по 1.

Податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат и дека вчера биле регистрирани 133 оздравени пациенти. Пријавени се и 16 починати лица од коронавирусот.

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 391 и има околу 450 празни болнички кревети во ковид центрите.

Во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани шест нови пациенти поради компликации од корона вирусот со што вкупно 151 лице сомнително и потврдено за Ковид 19 се лекува на инфективните одделенија во главниот град од кои голем дел се на кислородна поддршка.

Дома се пуштени 20 оздравени пациенти. Во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 240 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот.

Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата.

Последниот податокот од Министерството за здравство покажува дека за еден ден се вакцинирале 12.211 граѓани, од кои прва доза примиле 9.711.

Вкупно се аплицирани 232.485 дози вакцини, а ревакцинирани се 36.366 граѓани. Бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 384.706 граѓани. Со последните бројки 44 проценти од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, а 36 отсто од населението над 65 години имаат примено барем една доза вакцина.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера по примопредавањето на германската донација од 72.000 брзи антигенски ковид тестови, информираше дека нашиот „грин пас“ или Ковид-19 пасош за патување во странство ќе биде спремен од почетокот на следната недела.

Тоа е пас кој електронски преку QR (Кјуар) код и апликација која ќе може да се симне на секој мобилен телефон ќе содржи простор за три податоци – податок за вакцина, односно ревакцина и типот на вкацината, ПЦР тестирањето кое секогаш ќе може да се надгради со секое следно ПЦР тестирање, и податок за соодветна количина на детектирани антитела како доказ за прележана болест, појасни Филипче.

Нагласи дека граѓаните ќе можат преку матичните лекари кјуар кодот да го данлодираат во својата апликација. За македонските граѓани кои се вакцинирале во некоја од соседните земји рече дека ќе треба да извадат потврда за вакцинираност таму, бидејќи, како што кажа, во документот мора да се внесе серијата на вакцината со која се вакцинирани.

Досега во земјава се направени вкупно 765.984 тестирања на Ковид-19.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 154.937, на оздравени пациенти е 146.632, на починати е 5.265, а на активни случаи изнесува 3.040. Полицијата и понатаму регистрира прекршување на мерките, а за неносење лична заштита на лице во претходното деноноќие имало 392 прекршоци.