Потегот на Гвардиола на доделувањето на медалите го воодушеви светот

Пеп Гвардиола и неговиот Манчестер сити вчеравечер немаа причини за задоволство затоа што во финалето на Лигата на шампиони беа поразени од Челси (0:1). Сепак, потегот на шпанскиот тренер при церемонијата на доделување на медали е нешто за што зборува светот.

Имено, поранешниот стратег на Барселона и Баерн ја прими медалјата од претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, ја зеде в раце и ја бакна, иако таа не беше најсјајна. Многу играчи на Сити ја извадија, сигурно разочарани од крајниот исход.

Со тој гест Гвардиола покажа колку ја цени Лига на шампиони која, во богатата тренерска кариера, ја освојуваше два пати – во 2009-та и во 2011-та со Барселона.

Колку е голем покажа и со тоа што на фудбалерите на Челси, на сите до еден, им го честиташе освојувањето на елитното натпреварување.

„Граѓаните“ ќе мораат уште да причекаат за освојувањето на престижниот трофеј.

(Фото: АП)