Потпишан Меморандум за соработка меѓу ДЗС и Управата за справување со катастрофи и итни ситуации при турското МВР

LinkSense.mk

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути и претседателот на Управата за справување со катастрофи и итни ситуации при турското Министерство за внатрешни работи (АФАД), Јунус Сезер, вчера во Анкара потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете институции.

Со Меморандумот е предвидено Управата за справување со катастрофи и итни ситуации и Дирекцијата за заштита и спасување да ја зајакнат соработката посебно во делот на управување со ризици од катастрофи, со цел усвојување неопходни мерки за ублажување на страдањета на луѓето, предизвикани од природни несреќи, соопштија од Дирекцијата.

Потпишувањето на Меморандумот, како што се посочува, претставува чекор напред во реализација на утврдените активности од заеднички интерес, за чие што успешно остварување во наредниот период треба да работат тимови од двете земји.

Максути и Сезер договорија тимовите од двете земји да се формираат што поскоро, за да почнат со конкретни чекори. Препознавајќи дека меѓународната соработка е средство за промоција на заедничките интереси, целта на овој Меморандум за разбирање е да се зајакне соработката при хуманитарен одговор и да се промовира соработката во сферата на управувањето со ризиците од катастрофи, стои во соопштението.

 

МИА