Почна нов круг на политички чистки во Русија

Русија ја шокираше спектакуларното ноќно апсење на министерот за стопанство Алексеј Уљукаев. Тоа апсење, според одделни аналитичари, е многу повеќе од наводната борба против корупцијата.

„Пред законот сите се еднакви, а тој којшто е корумпиран мора да биде санкциониран. Тој добил два милиони долари во готово, а возврат одобрил превземање на нафтениот концерн „Башњефт“ од страна на големиот концерн „Росњефт“, наведува руското обвинителство.

uljukaev-3

„Обвинувањата се големи. Во членот 6, став 290, од рускиот Кривичен закон се наведува: „Корупција во многу големи размери“. За тоа мора да постојат сериозни докази, а истрагата тие докази мора да ги достави до Судот“, рекол портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Никој надвор од Кремљ не верува во вистинитоста на наводите, ниту во тоа дека Уљукаев кога било можел да земе поткуп: ниту неговото министерство, ниту руската Централна банка која наводно го следела тој коруптивен процес на превземање на „Башњефт“. Тие сомнежи гласно се истражуваат што е нетипично за Русија, каде луѓето три пати ќе размислат пред да кажат нешто против интерпретацијата на некој настан“, пренесува Дојче веле.

Тоа во што никој не се сомнева, е дека спектакуларното апсење на министерот и медиумското внимание кое му е посветено, биле координирани од тајната служба.

ФСБ, наводно, го следела Уљукаев повеќе од една година, а неговиот телефон бил прислушуван од крајот на летото. Известувањата на повеќе руски медиуми се повикуваат на извори од тајната служба и на актуелниот шеф на државата Владимир Путин.

Наводно, Путин дал наредба да се изведе спектакуларното апсење со голема помпа.

uljukaev-4

Ова апсење личи на едно друго: на она на премиерот на Кировската област, Никита Бељих. И тој, како и министерот Уљукаев, е намамен во замка и „фатен“ во корупција. Иста шема, исто обвинение. И сличен политички профил.
Бељих бил симпатизер на партијата на убиениот опозициски политичар Борис Немцов. Бил млад и амбициозен. Сакал надвор од провинцијата – во Москва.

nikita

Министерот Уљукаев за многумина важел како последна надеж за либералниот економски курс на Русија. Како гарант на западните инвестиции во земјата. Дали неговото апсење е почеток на нова рунда политички чистки?

Во Москва сега се претпоставува чија глава следна ќе одлета.