Почнува скринингот за Ковид во основните училишта, препораките за лекување на веб страницата на МЗ

LinkSense.mk

Во основните училишта денеска почнува скринингот кој ќе покаже каква е трансмисијата на Ковид-19 меѓу учениците. Скринингот се спроведува поради зголемениот број новозаболени ученици. Во средните училишта, состојбата е стабилна, но ќе се следи.

Скринингот ќе го спроведат тимови од здравствени работници кои согласно методологијата што е утврдена ќе ги соберат податоците, кои ќе бидат доставени на анализа во Институтот за јавно здравје и епидемиолошките служби, со цел да се добие реална слика за тоа како се пренесува вирусот во основните училишта.

„Комисијата донесе заклучок внимателно да се следи и анализира состојбата во училиштата и доколку се утврди какво било зголемување на бројките помеѓу учениците во однос на новозаразени да се направат скрининг тестирања во училиштата со цел да се утврди реалната состојба и опасноста за поширока трансмисија на вирусот помеѓу учениците. Започнуваме со скрининг во основните училишта каде бројката на новозаразени е зголемена. Во средните училиште таква состојба нема. Таму се следи епидемиолошката состојба и согласно извештаите од Институтот за јавно здравје е стабилна. Меѓутоа, загрижувачките бројки кои ги добивме од основните училишта беа аларм да иницираме и да аплицираме еден ваков скрининг што ќе ни покаже каква е трансмисијата во основните училишта, рече вчера на прес-конференција портпаролот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ.

Претседателот на Комисијата, Александар Петличковски рече дека скринингот ќе се одвива во училиштата, а децата чии родителите дале согласност ќе бидат тестирани со брз тест во училиштата и нема да има потреба да ги носат во центрите за јавно здравје како што првично било планирано.

„На овој начин сакаме да им олесниме пристап до тестовите и тоа да биде со минимум компликации по нив, додаде Петличковски.

Од вчера на сајтот на Министерството за здравство се достапни и препораките за лекување на КОВИД-19, кои се наменети за сите лекари вклучени во лекувањето на пациентите.

Одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата, Петличковски истакна дека со препораките за лекарите достапни на веб страницата на Министерството за здравство, ги прават достапни информациите базирани на докази со цел да овозможат еден поусогласен пристап за сите пациенти со КОВИД -19.

„Препораките кои се достапни на сајтот се четврта или петта верзија на постоечки препораки кои се користеле во минатото, но и претрпувале измени. Оваа верзија која е од септември 2021 година и е четврта или петта верзија ќе претрпува промени, како ќе се менуваат интернационалните научни сознанија ќе се менуваат. Тие се предвидени да бидат водич за сите лекари вклучени во лекувањето и третирањето на ковид пациенти и немаат обврзувачки карактер, но се тука да послужат од едно место да се црпат релевантни информации, за да не доаѓаме во ситуација некој лекар да советува терапија која не е препорачана, тука пред се мислам на ивермектин, рече Петличковски, додавајќи дека за ивермектинот нема научни докази дека тој помага во лекување на Ковид-19.

„Препораките се однесуваат на асимптоматски пациенти, на пациенти со лесна, средно тешка клиничка слика и на хоспитализирани во тешка состојба. Препораките се насочени кон лекарите, не се насочени кон општата популација. Наше е да ги упатиме лекарите кои се вклучени во третман на Ковид-19 каде може да најдат најсоодветни препораки, рече Петличковски.

Во врска со зголемениот број смртни случаи од Ковид-19 во државава, Петличковски рече дека во ниеден контекст не може да каже дека зголемената смртност е резултат на непочитување на протоколи и смета дека таа се должи на нашето запоставено здравје.

„Јас сум убеден дека сите здравствени работници според нивните сознанија најдобро се обидуваат да се справат со Ковид-19. Бројките се високи, да, но редовно ги споредувам со Словенија, со слична структура на населението и таму и во оваа фаза на пандемијата бројките се редовно над 20, рече Петличковски.

Напомена дека постојат и земји во кои има пониски бројки на починати, но тоа се земји со поразлична здравствена култура од нашата.

Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, регистрирани се нови 1.117 случаи од направени 3.513 тестирања. Од нив, 154 се реинфекции. Починати се 14 починати,  а уште осум се пријавени за починати со дијагноза ковид.

Вкупниот број Ковид-дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 290.915. Бројот на оздравени пациенти е 273.243, на починати 8.851, а бројот на активни случаи изнесува 8.821 од кои 4974 се во Скопје.

 

ИЗВОР/ФОТО: МИА