По координацијата со Џафери појасна слика за натамошната работа на Собранието

Како ќе се одвива работата во Собранието по откривањето во јавноста дека двајца пратеници се позитивни на Ковид-19 и имајќи предвид дека владејачките партии со нивното отсуство на пленарните седници немаат мнозинство, веројатно ќе се знае по денешната координативна средба со претседателот на Собранието Талат Џафери и со почетокот на седницата закажана за напладне.

Од Кабинетот на Џафери нема информации како ќе постапи тој имајќи го предвид ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека нема да и прават кворум на власта, и прашањето дали во Собранието ќе бидат пратеници од Алијансата на Албанците и Алтернатива.

Од друга страна, собраниски извори брифираат дека спикерот нема да ја откаже седницата, ниту која било друга во иднина се додека може да се собере доволен број пратеници за работа на Собранието односно кворум или најмалку 61 пратеник, без разлика дали тие се од власта или од опозицијата. Од таму потенцираат дека опозицијата треба да има предвид дека ова се специфични услови за работа и дека треба да преземе одговорност и да придонесе за функционалноста на институцијата. Во однос на гласањето за точките на дневен ред, велат дека демократски е секој да се изјасни онака како што смета, но дека во случајов опозициските пратеници и од македонскиот и од албанскиот блок треба да учествуваат во работата на Собранието.

Првата појасна слика за тоа како ќе се одвива работата во Собранието треба да даде исходот од средбата на координаторите на пратеничките групи со претседателот на парламентот Џафери, а на која се очекува да присуствува и координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески за МИА изјави дека седницата не е откажана и дека како ќе функционира Парламентот ќе се знае по координативната средба со спикерот.

Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека пратеничката група утре ќе има координација по што и официјално ќе се знае дали ќе присуствуваат на седниците. Нивниот став претходно искажан, беше дека нема да му прават кворум на владејачкото мнозинство во Парламентот.

Позитивни на Ковид-19 се пратениците Лазе Таневски од СДСМ и Исмаил Јахоски од ДУИ. Таневски се тестирал бидејќи сакал да патува во странство, а Јахоски имал симптоми на Ковид-19 и беше хоспитализиран. По направените епидемиолошки анкети, од Центарот за јавно здравје информираа дека нема потреба од изолација на други пратеници, бидејќи мерките во Собранието се почитувале.

Владејачкото мнозинство во Собранието брои 62 пратеници од СДСМ, ДУИ, Беса и коалициските партнери, а опозицијата 58 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и Алијанса на Албанците и Алтернатива.

Собранието на Република Северна Македонија денеска треба да го одржи продолжението на 15. седница на која на дневен ред се Предлог на закон за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за итно справување со COVID-19 во Северна Македонија, по скратена постапка, како и измените и дополнувањата на Законот за заштита на укажувачи, на Законот за судските такси, на Законот за автокамповите и на Законот за скијалишта, сите во прво читање.

Седница треба да одржи и Законодавно-правната комисија на која на дневен ред е Предлог на закон за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за итно справување со COVID-19 во Северна Македонија, по скратена постапка.

Неделава односно на 15 октомври во среда, во Собранието треба да почне и дебатата за ребалансот на Буџетот