Правила за гласање на предвремените парламентарни избори

Изборниот процес за предвремените парламентарни избори што ќе се одржат утре содржи неколку новини, меѓу кои, највпечатливо е вметнувањето фотографија во Избирачкиот список.

Останува употребата на безбојниот спреј кој може да се види само со УВ ламба.

Важечко ливче ќе се смета она на кое што е заокружен редниот број или носителот на листата или симболот на коалицијата или партијата.

Гласачките места ќе бидат отворени во седум часот, а гласањето трае до 19 часот.

Може да гласа секој кој е запишано во изводот од Избирачкиот список и поседува важечка лична карта или пасош.

Гласањето се врши лично.

По проверката на десниот палец со УВ ламба за да се види дали има траги од безбоен УВ спреј, се прави проверка на документите за лична идентификација и тој се потпишува во изводот од Избирачкиот список.

Потоа член на избирачкиот одбор му издава гласачко ливче на кое на предната страна мора да му стави печат.

Пред да се упати кон параванот за гласање избирачот се прска со безбоен спреј.

Освен лична карта или пасош за гласање не се прифаќаат други документи.

Ако избирачот кој се наоѓа во Избирачкиот список е неписмен или има физички недостаток, тој ќе стави отпечаток од десниот показалец на местото резервирано за потпис во изводот од Избирачкиот список.

Не смее да гласа лице кое ќе одбие да се потпише во Избирачкиот список и кое нема да дозволи да му биде ставен безбоен спеј.

Се гласа зад параванот за гласање, со заокружување на редниот број пред подносителот на листата на кандидати и тоа исклучиво со хемиско пенкало во сина боја.

Не смее да се дозволи гласачот да го напушти гласачкото место без да го остави ливчето во кутијата.

Семејно и групно гласање и гласање во име на друг е забрането.

Нарушувањето на тајноста на гласањето е кривично дело.

Член на изборен орган кој работи спротивно на одредбите на Изборниот законик може да заработи прекршочна пријава и глоба во износ од илјада до три илјади евра во денарска противвредност.

Глоба во износ од 750 до 2.250 евра во денарска противвредност за прекршок ќе се изрече на физичко лице кое гласа за повеќе лица или гласа во име на друг.

Овластените претставници на подносителите на листите, набљудувачите и гласачите на денот на гласањето на гласачките места не смеат да користат мобилен телефон, апарат или други средства за сликање на гласачкото ливче.

Камерите нема да работат

Државната изборна комисија побара исклучување на видео-надозорот во институциите каде ќе се одвива гласањето.

Камерите ќе бидат насочени кон ѕидот на кој се монтирани, за да се овозможи тајноста на гласачите и изборниот процес во целина.