Пратеници во скафандери го „отклучија“ Собранието

По неколкумесечна блокада за реализација на петтиот пакет антикризни мерки вчера пратениците во Собранието ги донесоа законите поврзани со овој пакет. Законите беа донесени едногласно, со гласовите и на парламентарното мнозинство и на опозицијата, а од посебни кабини и облечени во скафандери гласаа и двајца пратеници позитивни на Ковид-19.

Указите за овие закони ги потпиша и претседателот на државата Стево Пендаровски.

„На македонската јавност и е добро позната заложбата на претседателот на државата Стево Пендаровски да ги поддржува сите законски иницијативи и проекти кои се во интерес на граѓаните и тоа се однесува и на т.н. петти пакет на економски мерки со кој помош треба да добијат 60.000 наши граѓани и стопански субјекти, најтешко погодени за време на пандемијата. Затоа, денес претседателот Пендаровски без никаква дилема ги потпишa Указите за прогласување на законите со кои ќе им се овозможи на илјадници наши граѓани да земат плата за февруари и март оваа година“, информираа вчера од Кабинетот на Претседателот.

Со ова практично почнува имплементацијата на финансиската поддршка која долго ја очекуваа и бизнисмените и работниците. Изгласани се законите со кои се овозможува исплата на плати за февруари и март, финансиска поддршка за бизнис секторот и физичките лица кои вршат самостојна дејност, како и за ослободувања од плаќање
аконтации на данокот на личен доход за месеците март, април и мај 2021 година.

Донесувањето на законите од петтиот пакет мерки на Фејсбук го поздрави и премиерот Зоран Заев, кој упати честитки до пратениците, претседателот на Собранието и до собраниските служби.

„Упатувам честитки до пратениците од парламентарното мнозинство кои се справија со сите блокади и најдоа начин овие важни закони за граѓаните конечно да бидат усвоени. Честитам и на Собранието, Претседателот Џафери и собраниските служби кои обезбедија соодветни услови за работа и кои спроведоа гласање според сите протоколи со целосна заштита на здравјето на сите пратеници и целосна изолација на двајцата позитивни. Огромни честитки и до заболените пратеници кои и во вакви околности се вложија целосно, покажаа одговорност, беа на висина на задачата и гласаа за носење на законите и во интерес на итната потреба на граѓаните“, напиша Заев.

Иако законите од петтиот пакет беа изгласани едногласно, вчерашната седница помина во процедурални забелешки за присуството на двајцата пратеници во скафандери.

ВМРО-ДПМНЕ и Левица обвинија дека се кршат прописите предвидени за заштита на здравјето на граѓаните за време на епидемија и се загрозува безбедноста на другите присутни во законодавниот дом, а претседателот на Собранието Талат Џафери се повика на протоколот за работа на Парламентот за време на пандемија.

„Добив дополнување на Протоколот за Ковид-19, според кое, пратениците можат да ја вршат својата функција под одредени услови. Оваа сала овозможува простории во кои изолирано пратениците можат да влезат и излезат од Собранието без да имаат контакт со другите. Процедурата која е обезбедена“, рече Џафери.

Потегот на пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска, која во скафандер дојде за да учествува во работата на Собранието, го пофали и министерот за правда Бојан Маричиќ, кој на својот Фејсбук профил овој нејзин чин го оцени како херојски.

„Во сите цивилизирани парламенти во Европа и нашиот регион веќе се работи на онлајн седници во различни форми. Дури и Европскиот парламент со преку 800 пратеници е целосно дигитализиран со онлајн заседанија на комитетите, на пленумот и со онлајн гласање. Тоа го направија сите затоа што е насушна потреба и човечки пристап во услови на долготрајна пандемија која ги засега сите“, истакна Маричиќ.

Тој ја обвини опозицијата дека го спречува собранискиот Деловник, со цел да се овозможи онлајн присуство на пратеници позитивни на вирусот.

„Практично, оние заради кои тешко функционира Собранието го обвинуваат мнозинството за нефункционалност. Но, некои пратеници не заборавиле зошто се избрани. Бисера и многу други и во вакви тешки услови не забораваат дека се таму за да им служат на граѓаните и да носат одлуки во нивна полза и во тешко време. Пратениците на опозицијата пак мислат дека се таму за да блокираат, бојкотираат, трошат ресурси бесцелно само за лични и партиски цели (зашто само со блокади и бојкоти се чувствуваат важни немајќи да понудат никаква идеја и политика за граѓаните)“, напиша Маричиќ.

Реагираше и пратеничката група на Алијанса на Албанците, според која претседателот на Собранието ја злоупотребил функцијата.

Пратеникот Елми Азири, на прес-конференција по завршување на 36. седница, изјави дека уште во четвртокот го известиле претседателот на Собранието дека ќе присуствуваат на 32-та седница и со нивна поддршка веднаш ќе преминеле на 36-та седница.

„Како албанска опозиција со нашите пратеници бевме присутни и во четврток на свиканата 32. седница, иако за време на Ифтар, точно во 19:20 часот, непочитувајќи ја определбата на одредени пратеници кон сопствените верски убедувања за пости, сепак дојдовме. Таа вечер преку заменик координаторот на нашата пратеничка група од собраниската говорница го повикавме претседателот на Собранието за да појдеме на гласање, да ги брои присутните пратеници на седницата во четврток. Со присутните пратениците од мнозинството и со помош на нашите пратеници, 32-та седница би била завршена и би прешле веднаш на 36-тата седница во која се законите од петтиот пакет мерки“, рече Азири.

Кривични пријави најави лидерот на опозицијата Христијан Мицковски, кој на својот Фејсбук профил го оцени како тероризам доаѓањето на двајцата пратеници во скафандери.

„Пратеничката група на коалицијата за Обнова на Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривични пријави за сите оние кои денес го прекршија законот поради инаетот и фрустрацијата на еден човек, а обвинителството има можност првпат да покаже дека не се робови на Зоран Заев и владиното мнозинство. Правда ќе има со ова или некое друго ослободено обвинителство. Сторителите ќе одговараат, Ви ветувам лично дека тие ќе одговараат од прв до последен“, напиша Мицкоски на Фејсбук и го повика претседателот на државата да застане зад правото и Уставот.

Од Кабинетот на претседателот на државата велат дека граѓаните најдобро покажале што мислат за достоинството на претседателот на изборите пред две години.

„Освен тоа, нашите граѓани знаат дека претседателот Пендаровски секогаш имал став за најважните прашања и проблеми со кои тие се соочуваат, дури и за работи кои не се во негова директна надлежност, а се во интерес на граѓаните, вклучувајќи го и повторно реактуелизираното прашање за промена на границите на Балканот. За жал, некои други, меѓу кои и Мицкоски „не бекнаа” за овие екстремни и многу опасни предлози, потенцираа од Кабиентот на шефот на државата.

Оттаму апелираа до сите политички субјекти да се однесуваат одговорно и да не најавуваат апсења и затворски казни за своите политички противници, затоа што тоа е во исклучива надлежност на правосудните органи.

„Најавата за поднесување на кривични пријави за претпоставени незаконити дејствија е легитимна, меѓутоа, најавите и гаранциите за апсења кога доаѓаат од страна на политичарите асоцираат на едно друго време кога единствената партија на власт беше и полицаец и обвинител и судија“, нагласија вчера од Кабинетот на Пендаровски.

Со реакција на Фејсбук статусот на Мицковски, се јави и премиерот Зоран Заев, кој, како што напиша, со згрозување ја примил информацијата дека лидерот на опозицијата го оценил како тероризам изгласувањето на законите.

„Мицкоски се дрзна гласањето за помош за граѓаните да го нарече тероризам, а за крволочниот напад на Собранието на 27 април во кој и тој беше дел, сѐ уште не нашол начин и волја да го осуди. Очигледно е дека ваквото неодговорно однесување на ВМРО-ДПМНЕ, ваквото безобразно блокирање на народната волја во Собранието е директно мотивирано и предизвикано од Мицкоски. Мицкоски и неговиот соработник Апасиев правеа сѐ да си ја задоволат пустата желба да предизвикаат проблем во владејачкото мнозинство, при тоа решени да одат до крај дури по цена на загрозување на личната економска егзистенција на илјадници граѓани кои ја чекаат помошта. Доказ за нивната фрустрација е последниот очаен потег со кој Мицкоски бара од Претседателот на државата да не ги потпишел усвоените закони со што уште еднаш непромислено потврдува дека работи против народот и дека презема чекори народот да не добие помош. Но, попусто им е“, напиша Заев на Фејсбук.

Вчерашното гласање за законите од петтиот пакет беше втор обид откако во четвртокот координаторите на пратеничките групи, пратениците и претседателот на Собранието повеќе од два часа се расправаа дали да се гласа по точките од 32. седница и потоа да се продолжи 36-та седница или да се одложи гласањето поради немање кворум и да се продолжи со 36. седница. Вчера, пратениците прво ја завршија 32. седница, па ја почнаа 36 седница.

Петтиот пакет содржи вкупно 29 мерки, во вредност од 9,7 милијарди денари или околу 160 милиони евра. Мерките се распределени во четири столба – директна финансиска поддршка за компаниите со цел задржување на работните места, финансиска поддршка за ликвидноста на приватниот сектор со бескаматни кредити, креирање на поволно деловно опкружување со системско редефинирање на царинскиот тарифник, намалување на парафискалните давачки и даночно олеснување и одложување кај неколку јавни давачки, како и поддршка за граѓаните.

 

(Фото: МИА)