„Ибупрофен“ се користи за ублажување на болки, за него не бара рецепт, а многу луѓе го користат.Неодамна направени испитувања покажуваат дека лековите против болки можат да имаат сериозни несакани ефекти кога се земаат редовно.
Нестероидните антиинфламаторни лекови (НСАИЛ), како што се аспирин, напроксен или ибупрофен, се поврзуваат со чир на желудник, со плодност, слух и кардиоваскуларни проблеми.
За здрави луѓе на кои одвреме-навреме им е потребно мало ублажување на болката, нема ништо лошо во земањето на антиинфламаторниот лек, но долготрајната употреба на овие лекови може да предизвика други сериозни проблеми.
Чир на желудникот
Земањето лекови против болки е една од најчестите причини за чир на желудникот.
Тоа е затоа што тие ја намалуваат способноста на вашето тело да создаде слој што ја штити слузницата на желудникот од стомачната киселина. Киселината на желудникот е доволно силна за да ги истроши вашите заби и коски. Во вашиот стомак, може да ја воспали слузницата, оставајќи отворени, крвави рани, познати и како чирови.
Проблеми со плодноста
Мажите кои со месеци земаат дози на ибупрофен може да бидат изложени на поголем ризик од проблеми со плодноста.
Истражувањето, објавено во Зборникот на Националната академија на науките, покажало дека здравите млади мажи кои земале вообичаен лек против болки до шест недели произведуваат помалку машки полови хормони, што доведува до состојба која обично се гледа само кај постари мажи и пушачи.
Луѓето на возраст од 18 до 35 години кои учествувале во данската студија развиле нарушување наречено компензиран хипогонадизам во рок од две недели од земањето 600 мг ибупрофен два пати на ден.
Состојбата се јавува кога телото не произведува доволно тестостерон.
Ова е обично реверзибилно кога ќе престанете да земате ибупрофен.
Проблеми со слухот
Кога размислувате за факторите на ризик кои се поврзани со губење на слухот, лековите против болки кои се продаваат без рецепт веројатно не се меѓу нив.
Меѓутоа, една студија на Харвард објавена во стручно списание за епидемиологија открива дека честата употреба на ибупрофен може да игра улога.
Во студијата, жените кои земале лекови против болки најмалку два пати неделно имале поголема веројатност да доживеат губење на слухот, со почестата употреба го зголемува ризикот и до 24 проценти.
Наодите се слични на истражувањето на мажи со оштетен слух, иако е откриено дека и аспиринот придонесува за ризикот.
Научниците веруваат дека лекот може да го прекине нормалниот проток на крв во спиралата, која се наоѓа во внатрешното уво, така што нејзината структура не функционира како што треба.
Срцеви проблеми
Во студијата на „Бритиш Медикал Журнал“ (British Medical Journal) од 2016 година, авторите забележале дека извештаите за несакани срцеви реакции почнале да се појавуваат во 2000 година.
Некои истражувања објавени во 2017 година откриваат дека лекот може да го зголеми ризикот од срцев удар кај една личност за 31 отсто.
Авторите од Универзитетот во Копенхаген биле толку шокирани од резултатите што одлучиле лековите да не се продаваат во супермаркети или бензински пумпи, туку да се издаваат само со рецепт.
Срцевиот удар се случува кога нечие срце ќе престане да пумпа крв низ телото – слично на електричен дефект.
Некој што ќе доживее срцев удар веројатно веднаш ќе ја изгуби свеста и нема да покажува знаци на живот, ќе престане да дише.
Згрутчување на крвта
Жените кои во исто време земаат ибупрофен и хормонска контрацепција имаат поголем ризик од згрутчување на крвта.
Истражувачите од Универзитетот во Копенхаген открија дека кога се зема заедно со хормонска контрацепција, таблетата може да го зголеми ризикот од венска тромбоемболија или згрутчување на крвта за пет пати. Ова може да доведе до срцев или мозочен удар.
Вкупниот ризик останува низок, но со оглед на широката употреба на двата лека, жените треба да бидат свесни за можните интеракции.