Премиера на „Скршената стомна“

Претставата „Скршената стомна“ во режија на Софија Ристевска Петрушева вечерва премиерно ќе биде прикажана во битолскиот „Интимен театар“.

„Скршената стомна“ е осма по ред претстава на независната театарска куќа „Интимен театар“.

Претставата е правена по мотиви од германскиот автор Хајнрих Фон Клајст и авторски текстови на Билјана Крајчевска.

Главните улоги ги толкуваат Маја Андоновска Илијевски и Никола Пројчевски, а кореографијата е на Кире Миладиноски.

pretstava-2

„Скршената стомна“ е расказ за изгубен и заблуден човек што нема капацитет да се бори, а секогаш го избира патот на финансискиот прогрес.

„Ова е претстава за човекот на 21 век, кој е претворен во шуплива кукла, манипулирана само и единствено од моќта на капиталот. Емоциите, љубовта и семејните социјални врски, се поретко се појавуваат во секојдневието на човекот, кој е пласиран и определен само и единствено од пазарот на трудот. Кариерата и финансиската моќ се ставени пред основните човечки начела и принципи. Инстант-живеењето не осакатува и не претвора во осамени, егоистични и антисоцијални индивидуи. Во натпреварот за поуспешна и поисплатлива кариера, станува се потешко да се создадат семејство и поколение, па оттука се поставува прашањето дали капиталот е доволно добар за да го замени нашето неродено дете, нашите љубовни врски… Дали капиталот е доволно емоционален да го замени човечкиот стремеж за социјална припадност?“, вели во најавата режисерката Петрушева.