Премиерно два документарни филма во Кинотека по повод 57 години од скопскиот земјотрес

По повод 57-годишнината од скопскиот земјотрес, Кинотеката на Македонија и Македонскиот центар за фотографија (МЦФ) премиерно ќе прикажат два документарни филма: „Првата светска војна, сеќавања” на Роберт Јанкулоски и „Преживеани спомени” на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска.

Настанот, насловен „Сеќавања“, е закажан за 26 јули, со почеток во 21 часот.

„Првата светска војна, сеќавања” е посветен на македонскиот фронт и на жртвите од Првата светска војна. Филмот е сниман во Македонија, Србија и Швајцарија, а финансиски е поддржан од амбасадата на Швајцарија во Република Северна Македонија. „Преживеани спомени”, пак, е дел од проектот „Фотографијата сведок или жртва” реализиран од страна на МЦФ во 2014 година во кој осум наши сограѓани, евоцираат спомени како го преживеале земјотресот од 1963 година и што е она што засекогаш ќе го паметат од тоа летно утро. Филмот е направен како дел од покомплексна уметничка инсталација и првпат се проектира надвор од поставката.

На проекцијата на филмовите ќе се обрати амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер Техада.

Кинотека потсетува дека поради ситуацијата со КОВИД-19 воведе правила за безбедност согласно заштитните мерки, кои посетителите мора да ги почитуваат.

Задолжителна е дезинфикација на рацете при влез во дворот и објектот, задолжително е носење маска или друга заштита преку устата и носот, задолжително е одржување дистанца додека се следи проекцијата, пушењето додека трае прикажувањето на филмовите е непожелно и забрането е внесување какви било пијалаци (алкохолни и безалкохолни).