Премиерот Димитриев упати честитка до бискупот Стојанов за Божик

Премиерот на Емил Димитриев, по повод празникот Божик, упати честитка до Киро Стојанов Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија

„Со векови наназад, празнувањето на Раѓањето Христово претставува особен симбол на христијанството. Со самото доаѓање на нашата земја, со неговата пожртвуваност и милосрдие, Синот Божји влеа надеж, верба и утеха на измаченото човештво. Токму затоа, Божик е празник кој нè учи да одиме по трагите на вистината, празник кој нè учи како се подарува љубовта, добрината, меѓусебното почитување и разбирање. Поради тоа, како и сите години претходно, така и оваа, да ги отвориме своите домови и вратите на своите души за светлината која доаѓа. Бог е со нас, а симбол на таквиот дар е Христовото раѓање“, се вели во честитката.

Понатаму Димитриев порачува „вредностите кои ги прославуваме славејќи го празникот да ни дадат сите нам сила, мудрост и инспирација за да продолжиме да работиме во интерес на граѓаните и нашата земја, за економски раст, подобрување на стандардот на граѓаните и унапредување на сите општествени сфери, за меѓусебно почитување и соработка помеѓу граѓаните и продолжување со изградба на напредна Република Македонија“.