Преспа форумот е средиште на политичари од Балканот, Европа и светот

Надградбата на пристапувањето кон Европската унија, следејќи го трендот што не само кај нас, туку и во регионот, но и во ЕУ, се наметна како стратешко прашање, а тоа е стратешкиот интерес на Унијата да го интегрира Западниот Балкан, како дел што недостасува за да се заокружи проектот за обединета Европа, е темата околу која ќе се одржуваат панел дискусиите на Првата меѓународна конференција во рамките на Преспа форумот за дијалог.

Меѓународната конференција „Западен Балкан: делот што недостига за Европа да биде целосна” се одржува денеска и утре во Охрид и Отешево со учество на околу 300 учесници, високи домашни претставници, но и високи претставници на Европа и САД, меѓу кои премиери, претседатели, министри, генерални секретари на меѓународни организации, европратеници, претставници на граѓанскиот сектор. За настанот се акредитирани над 100 домашни и странски новинари.

Учесниците на Конференцијата ќе се осврнат и на трансатлантските врски, кои ќе бидат тема на дискусија и обработка на панелот на високо ниво на вториот ден од Конференцијата, каде ќе се разговара за враќањето на синергијата меѓу ЕУ и САД во однос на Западниот Балкан.

Конференцијата, низ различни предвидени содржини и панели ќе го обработува Западниот Балкан, дали е тоа гледано низ призмата на помирувањето и градењето на доверба меѓу нашите народи, дали е низ призмата на трансатлантските релации, преку економската соработка, конекциите со цивилното општество и медиумите, родовиот сензибилитет за овие важни процеси. Има и посебен панел што ќе биде првиот кој ќе се пренесува на платформата на Унијата за Конференцијата за иднината на ЕУ, што впрочем е премиера на регионот во оваа дебата и тоа во соработка со Службата за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Официјалното отворање на конференцијата ќе биде денеска попладне во Охрид. Ќе ја отвори премиерот Зоран Заев, а говорници на отворањето ќе бидат поранешниот грчки премиер, Алексис Ципрас, медијаторот во спорот со Грција, Метју Нимиц и помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер, поранешната висока претставничка за надворешна политика и одбрана на ЕУ, Федерика Могерини, поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, поранешниот специјален претставник на ЕУ Ален Ле Роа и еврокомесарот Јоханес Хан.

Денеска во Охрид свое обраќање ќе имаат и Талат Џафери, Али Ахмети, Никола Димитров, Бујар Османи и Радмила Шекеринска.

На официјалното отворање на првиот ден од конференцијата му претходат панели посветени на повеќе теми, економијата и бизнис соработката, граѓанското општество и медиумите во регинот и во процесот на европската интеграција, панел посветен на патот до Европската Унија, градењето дијалог доверба преку дијалог, кои ќе продолжат и во текот на утрешниот ден, кога по завршувањето на панелите е предвидена прес-конференција.

Паралелно со панелите во Охрид, во Отешево денеска темата се младите. Таму ќе се говори за значењето на гласот на младите во зајакнување на регионалната соработка, како и младинската визија за иднината на Југоисточна Европа.

Во текот на утрешниот ден На Првата меѓународната конференција во рамките на Преспа форумот за дијалог присутни ќе бидат двајца претседатели на држави, на
Словенија и Црна Гора, Мило Ѓукановиќ и Борут Пахор, и четири премиери – на Албанија, Еди Рама, на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија, на Србија, Ана Брнабиќ и на Косово, Албин Курти, како и на осум министри за надворешни работи – од Албанија, Австрија, Црна Гора, Хрватска, Косово, Романија, Полска, Грција, Чешка и Италија.

На форумот ќе учествуваат и специјалниот претставник на Европската унија за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, Анџелина Ајнхорст од Службата за надворешна и безбедносна политика, како и неколку пратеници од Европскиот Парламент.

Од Франција како гости и учесници ќе бидат специјалниот пратеник на министерот, Жан-Ив Ле Дриан, сенаторот Алан Ришар, и пратеникот Жак Мер.

На највисоко можно ниво ќе бидат претставени и ОБСЕ и Советот на Европа, а тука се и генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, генералната секретарка на РСС, Мајлинда Брегу, генералниот секретар на РИКО, Алберт Хани и на Комитетот за демократии, Томас Гарет.

Во основата на Преспа форум дијалог се наоѓаат три столба: Охридскиот рамковен договор, Договорот за пријателството со Бугарија и Договорот од Преспа. Овие договори создаваат една нова, алтернативна слика не само за нас, туку и за регионот. На овие договори почива современиот политички и општествен наратив на земјава, кој, пак преставува одличен автентичен модел за успешна имплементација на современите вредности како што е соживотот, еднаквоста, слободата, солидарноста, инклузивноста, демократијата овде на Балканот.