Преспа форум: Ресетирање на синергијата меѓу ЕУ и САД кон Западен Балкан

Трансатлантските врски и враќањето на синергијата меѓу Европската Унија и САД во однос на Западниот Балкан ќе биде темата на панелот на високо ниво, на вториот ден на Првата меѓународна конференција во рамки на Преспа форумот за дијалог, во Охрид.

„Ресетирање на синергијата меѓу ЕУ и САД кон Западен Балкан“ е насловот на панелот, кој ќе го отвори шефот на државата Стево Пендаровски, а потоа свои обраќања меѓу другите ќе имаат имаат претседателите на Црна Гора и Словенија, Мило Ѓукановиќ и Борут Пахор, помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Филип Рикер, еврокомесарот Јоханес Хан.

На овој панел е предвидено и учество на премиерот Зоран Заев, премиерите на Србија, Косово и Албанија, Ана Брнабиќ, Албин Курти и Еди Рама, а ќе се обратат и претседавачот на Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија, шефот на полската дипломатија, Збигњев Рау, австрискиот министер за надворешни работи, Александар Шаленберг, и генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка, Мајлинда
Брегу.

Конференцијата, низ различни предвидени содржини и панели го обработува Западниот Балкан низ призмата на помирувањето и градењето на доверба меѓу нашите народи, низ призмата на трансатлантските релации, преку економската соработка, конекциите со цивилното општество и медиумите, родовиот сензибилитет за овие
важни процеси.

Силна поддршка за почеток на преговори на Македонија и Албанија, но и интеграција на регионот во Унијата произлезе од вчерашните панели и дискусии од страна на високите американски и европски претставници.

Истовремено со поддршката беа повторени и разочарувањата, што овие две земји на јунскиот самит на Унијата не добија зелено светло за почеток на преговорите, поради спорот меѓу Македонија и Бугарија.

Учесниците го потенцираа значењето на интеграцијата во Унијата како процес кој ќе обезбеди траен мир и стабилност и ќе биде брана за евентуални влијанија на трети страни во регионот, кој не може да биде ништо друго освен европски.

Пораки пристигнаа од Рикер, Палмер, германскиот министер за Европа, Рот, европратеници, генерални секретари на меѓународни организации, сите посочувајќи го примерот на Договорот од Преспа, како модел за решавање на спорови, кој може да биде патоказ и за спорот меѓу Македонија и Бугарија, но и значењето на Охридскиот рамковен договор како основа мултиетничкиот карактер на земјава.