Претседателот Иванов го прими секретарот за одбрана Џејмс Матис

LinkSense.mk

Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов  го прими секретарот за одбрана на соединетите американски држави Џејмс  Матис.

На средбата биле разменети мислења за тековните политички случувања во Република Македонија, за евроатлантските перспективи на земјата и за билатералната соработка меѓу двете земји во областа на одбраната и безбедноста.

Иванов истакнал дека пристапувањето во НАТО и ЕУ остануваат стратешки цели и највисоки приоритети на Република Македонија, што ќе придонесе за напредок и просперитет на целиот регион.

Претседателот потенцирал дека Република Македонија останува стабилен стратешки партнер на САД и дека и натаму ќе се залага за безбедноста, слободата и демократскиот напредок на регионот и активно ќе придонесува во заедничките активности во борбата против тероризмот и останатите закани на глобално ниво.

Иванов се заблагодарил за поддршката што САД ја дава на Република Македонија со цел унапредување на реформите во одбраната и безбедноста, како од аспект на финансиска, така и практична и техничка поддршка преку учество во заеднички обуки, вежби и мисии. Иванов изразил задоволство и од соработката со Националната гарда на Вермонт.

„Иако не сме во НАТО, нашата армија е НАТО компатибилна, и за тоа сме благодарни на САД. Тоа е влог во иднината. Мораме да бидеме подготвени за новите закани и новите предизвици”, порача претседателот Иванов на средбата со секретарот за одбрана на САД.

Иванов истакнал дека Армијата на Република Македонија со својата професионалност и високо рангирана борбена подготвеност е докажан партнер на НАТО и континуирано придонесува во меѓународните мировни мисии на Алијансата.

Интензивирањето и унапредувањето на севкупните билатерални односи со САД, додал претседателот Иванов, се од долгорочен интерес за Република Македонија.