Продолжува дипломатската активност: Заев и Димитров денеска во Атина

Претседателот и заменик-претседателот на македонската влада, Зоран Заев и Никола Димитров, денес и утре ќе учествуваат на шестиот Делфи економски форум во Атина. Заев и Димитров планирано е да се сретнат и со претставници на грчкиот државен врв.

Премиерот Заев во 16 часот по локано време ќе се сретне со неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис. За разлика од претходната нивна средба во Атина во септември мината година, кога беа на работен ручек, овој пат, Мицотакис ќе го прими Заев во неговиот кабинет, во премиерската палата.

Темите за кои ќе разговараат премиерите на Грција и Македонија ќе бидат билатералната соработка и имплементацијата на Договорот од Преспа.

Планирано е, на маргините на форумот Заев да има одделни средби со лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, со поранешен премиер на Велика Британија, Тони Блер, како и со други политички претставници од меѓународната сцена и со претставници на компании и стопански комори.

Димитров, ќе учествува на две панел дискусии на Делфи форумот. Првата е утрово, на која заедно со шефот на кипарската дипломатија, Никос Христодулидис, со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милтијадис Варвициотис, и со универзитетски професори и ќе дискутираат за „Дипломатијата на малите држави во комплексниот поредок“.

Утре, Димитров заедно со Еврокомесарот за добрососедска политика и проширување, Оливер Вархеји, ќе разговараат на тема „ЕУ и Западен Балкан: исполнување на долгоочекуваното ветување“.

Предвидено е вицепремиерот Димитров да оствари и повеќе билатерални средби со неговите колеги од Грција и Кипар, Никос Дендиас и Никос Христодулидис, со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, како и со министерот за дигитализација на Грција, Кирјакос Пјеракакис.

Економскиот форум е под покровителство на грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, традиционално се одржува во градот Делфи, но оваа година поради Ковид-19 е во палатата „Запио“ во Атина и се следи онлајн.

Почна во понеделникот, а ќе трае до 15 мај, има над 1.000 учесници од 42 земји и 372 сесии на десет различни теми како што се геополитиката и меѓународната безбедност, светската економија, иднината на Европа, здравството, климатските промени, општеството, образованието, културата итн.

Економскиот форум Делфи е независна и непрофитна организација со меѓународен карактер, каде секоја година се среќаваат престижни личности од економијата, политиката и академската заедница.

Целта на Форумот е да претстави реална рамка на цели и активности, да се бараат политики за справување со глобалните предизвици и да се најдат соодветни решенија за сложените и меѓусебно зависни прашања со кои се соочува Грција, Југоисточна Европа и Источниот Медитеран.

 

(Фото: МИА)