Продолжува падот на депозитите кај македонските банки

Месечниот пад на вкупните депозити продолжи и во февруари (намалување од 0,3 отсто), но забавено во споредба со намалувањето во претходниот месец, соопшти Народната банка во најновиот извештај за макроекономските показатели.

Анализирано по сектори, намалувањето во февруари, исто како и во претходниот месец, во целост произлегува од пониските депозити на претпријатијата, додека депозитите на домаќинствата и натаму бележат месечен пораст.

„Од валутен аспект намалувањето на вкупните депозити се должи на пониските депозити во странска валута, додека штедењето во денари бележи пораст на месечна основа, што е спротивно на остварувањата во претходниот месец. Годишната стапка на пораст на вкупните депозити во февруари изнесува 5,1 отсто и е над порастот проектиран за првиот квартал на 2017 година (од 3,8 отсто). Притоа, повисокото остварување на годишна основа во целост го одразува ефектот на базната основа, имајќи го предвид значителното зголемување на депозитната база на банките на крајот од 2016 година“, информираат од НБМ.