Продолжува распитот на Ахмети пред Меѓународниот суд за Косово

Испитувањето на претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети од страна на Специјалното обвинителство за воени злосторства во Косово, кое започна вчера претпладне во просториите на меѓународната правна мисија на Европската унија, ЕУЛЕКС, се очекува да продолжи и во текот на денешниот ден, јави  дописникот на МИА од Приштина.

Првиот распит на Ахмети започна вчера во 9.30 и траеше до 18 часот, кога тој го напушти седиштето на ЕУЛЕКС, при што не даде изјава за медиумите. Досега нема никакви информации во  врска со распитот, ниту од Ахмети, ниту пак од меѓународните истражни органи пред кои тој даде изјава.

Иако засега нема официјални најави, ниту од лидерот на ДУИ, ниту од Специјализираните комори за Косово, како што е официјалниот назив на судот, според досегашните практики на Специјалното обвинителство, се очекува распитот да продолжи и во текот на денешниот ден.

Според косовските, како и според повеќе меѓународни медиуми, Ахмети е повикан од Меѓународниот суд, чие седиште е во Хаг, во својство на сведок, како еден од членовите на Ослободителната војска на Косово (ОВК) уште од нејзиното основање и активен учесник во косовската војна во 1998-99 година.

Специјализираните комори за Косово,  кој во косовската јавност е познат како „Суд за ОВК“, го водат меѓународни обвинители и судии.

Покана од Специјалното обвинителство, во својство на осомничени или сведоци за злосторства против цивилното албанско и српско население во Косово за време и по последната војна со Србија, според досегашните информации, имаат добиено над 300 поранешни водачи или други припадници на ОВК.

Меѓу последните обвинети се и двајца од основачите и водачите на ОВК, претседателот на Косово Хашим Тачи и лидерот на Демократската партија на Косово и доскорешен собраниски спикер, Кадри Весели.

Истрагите, како што е најавено, се сконцентрирани на претпоставени злосторства во периодот од јануари 1998 до декември 2000 година.