Протест на полицајци облечени како Дедо Мраз

Повеќе од илјада романски полицајци, од кои поедини беа облечени во костими на Дедо Мраз, протестираа денес во Букурешт барајќи да им се овозможи порано да одат во пензија, во 60-тата година.

Полицајците се собраа на централниот плоштад во главниот град на Романија, каде премиерот Дачијан Чолош и други претставници на владата имаат канцеларии, и удираа во чинели и тапани.

Неколку учесници на протестот имаа ставено „бради“ имитирајќи го Дедо Мраз за да укажат на проблемот со старосната граница за заминување во пензија.

Старосната граница за пензионирање на полицајците – мажи сега е 65 години, а демонстрантите укажуваа дека тоа е претерано затоа што во тие години повеќе не можат ефикасно да ги извршуваат задачите и да го одржуваат јавниот ред.

Романскиот министер за труд, Драгош Пислар, одржа состанок со група полицајци и рече дека ќе го разгледа нивното барање.