Проширено обвинението против Харадинај

LinkSense.mk

Обвинителството за воени злосторства на Србија го прошири обвинителниот акт против еден од командантите на ОВК, Рамуш Харадинај, кој се наоѓа во притвор во Франција по меѓународната потерница за воени злосторства издадена од Србија, затоа што дошло до нови докази.

Биле собрани, наводно, докази за одговорност на Харадинај за воени злосторства на Косово, кои не биле предмет на разгледување во Хашкиот трибунал и претставуваат дополнение на доказите кои веќе се испратени во Франција.

Според вчерашните пишувања на белградските медиуми, раководителот на Обвинителството за воени злосторства побарал да се исконтролираат сите постапки во сите судови и обвинителства од општа надлежност во Србија кои се однесуваат на припадниците на ОВК.

Медиумите пренесуваат дека се контролираат околу 500 постапки и во некои е утврдена поврзаност со постапката против Харадинај која се води во Обвинителството за воени злосторства и дека тие нови сознанија Обвинителството во најкраток рок ќе ги достави до министерството за правда кое ќе ги проследи до надлежните во Франција со веќе постоечкиот материјал против Харадинај.

Обвинителството за воени злосторства го товари Харадинај дека е одговорен како наредбодавец, но и како непосреден извршител на 63 убиства.

Рамуш Харадинај е уапсен на 4 јануари во Франција по потерница од Србија и нему му е определен притвор додека Србија не достави барање за екстрадиција.

Тој во 2015 година беше уапсен на аеродромот во Љубљана, но после неколку дена беше ослободен.

Потерницата против Харадинај е издадена во 2006 година поради сомнение дека извршил воени злосторства во 1998 и 1999 година, во време кога беше еден од командантите на ОВК.

Нему му беше судено и во хашкиот трибунал за воени злосторства, но во 2012 година беше ослободен од сите обвиненија.